Заради континуираниот пораст на бројот на новозаболени со ковид-19 и за проширување на болничките капацитети, Комисијата за заразни болести препорачала Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје во наредните денови да продолжат со работа како ковид-центри и да се отвори дополнителен ковид-оддел во ГОБ „8 Септември”. За оваа препорака од денешниот состанок на комисијата, на кој присуствувал министерот за здравство д-р Беким Сали, веднаш се известени сите три јавни здравствени установи за преземање на неопходните активности.

-Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид центрите, во моментот се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата – информираат од Министерство за здравство.

Воедно, Министерството за здравство ги задолжило универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата „Козле“-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација, да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите со Ковид-19. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).