Фото: МИА / Архива

Со зголемување на нивото на имунизирано население заради вакцини и прележана болест, поголем дел од инфекциите сега поминуваат асимптоматски или со благи симптоми. Затоа во последните недели фокусот околу ковид-19 во светот се поместува од вкупни бројки на новооткриени случаи кон број на хоспитализации и оптовареност на здравствениот систем, информираат од Комисијата за заразни болести (КЗБ).

-Во овој контекст, Комисијата за заразни болести предлага прифаќање на нова методологија за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик врз основа на следните индикатори: број на новооткриени случаи во последните 7 дена на 100.000 население, број на хоспитализации во последните 7 дена на 100.000 население и процент на исполнетост на здравствени капацитети во последните 7 дена – се вели во информацијата од Министерство за здравство.

Се предлага, според овие параметри, епидемиолошкиот ризик да биде класифициран како низок, среден или висок. За секоја од проценетите состојби се предвидува сет од мерки на индивидуално и општествено ниво.

-На ваков начин сметаме дека според објективни показатели ќе може навремено да се проценува ризикот и да се реагира соодветно во двете насоки, и за олабавување и за заострување на мерките – се вели во информацијата.

Станува збор, објаснува д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ, за неодамна усвоена алатка на Центарот за превенција и контрола на болести на САД, која може да се примени и кај нас и врз основа на резултатите при проценката да се предлагаат мерки за заштита на населението, или, пак, да се повлекуваат.