Зголемување на бројот на новозаразени со коронавирус е потврдено во кинескиот град Ксијан, а локалните компании ги намалија деловните активности, бидејќи трет ден по ред е на сила карантин во сите жаришни зони во Кина.
Во Ксијан, град во северозападна Кина со население од 13 милиони, откриени се 75 случаи на инфекција со потврдени симптоми на ковид-19, што е најголем дневен број на нови инфекции оваа година, според официјалните извештаи, пренесува „Ројтерс“.
Иако бројот на новозаразени во Ксијан е далеку помал отколку во другите делови на светот, градските власти воведоа многу строги рестриктивни мерки во согласност со препораките на владата во Пекинг за да се запре ширењето на вирусот во локално подрачје што е можно поскоро.
На жителите им е забрането да го напуштаат градот без одобрение од работодавците или локалните власти, а секое домаќинство смее да испраќа само по едно лице да купи залихи на секои два дена.
Според сегашните правила, на другите членови на семејството не им е дозволено да го напуштат местото на живеење, освен ако имаат итни и неодложни работи или активности одобрени од работодавачот или локалните власти.