Фото: Пиксабеј

Оние што прележале ковид имаат различни искуства. Кај некои со месеци чувството за мирус и вкус не се враќа, а некои добиваат изменети осети за веќе познати мириси и вкусови

Губењето на мирисот и вкусот е еден од клучните симптоми на ковид-19. Но, нарушувањето на овие сетилата не завршува со завршувањето на ковид-19. Многу од ковид-прележаните месеци по оздравувањето имаат измешани вкусови и мириси.

Оние што прележале ковид имаат различни искуства. Кај некои со месеци не се враќаат мирисот и вкусот, а некои, пак, различно ги чувствуваат веќе познатите мириси и вкусови.

Наталија З. Од Скопје прележала ковид во ноември минатата година. Три месеци по прележувањето неколку пати кај неа се менуваат одредени мириси.

– Околу 10 дена по прележувањето на ковид-19 ми се вратија вкусот и мирисот. Но, месец и половина потоа забележав дека не ги чувствувам сите мириси како порано. На пример, не чувствувам мирис на ментол. Планински чај ми мириса на овчо, а не чувствувам ниту мирис на карамела – раскажува таа.

Слично е и искуството на Елена Т. од Куманово. Шест месеци по прележан ковид-19, таа има нарушени вкус и мирис.

– Додека боледував од ковид-19 ги изгубив мирисот и вкусот. Неколку месеци подоцна се вратија, но целосно изменети. Готвената храна ми мирисаше на нешто помеѓу ѓубре и расипана риба. Бананите имаа мирис на метал, а некои други производи вкус на ментол. Лошата миризба не можам да ја споредам со ништо познато, па лично ја нареков ковид-мирис. И шест месеци по прележаниот ковид, вкусовите и мирисите ми се помешани. Некои мириси и вкусови останаа само сеќавање – вели таа.

Точниот процент на луѓе кои го изгубиле мирисот како последица на коронавирусот варира, но искуствата на ковид-прележаните водат до заеднички заклучок, а тоа е дека ова е една од почестите последици на болеста предизвиката од коронавирусот.

Терапија нема, само спонтано опоравување

Доц. д-р Иван Барбов, директор за Клиника за неврологија вели дека губењето на чувството за мирис и за вкус се главно невролошки симптоми, бидејќи вирусот прави директна инвазија на првиот, седмиот и осмиот мозочен нерв за мирис и вкус.

Д-р Иван Барбов Фото: Приватна архива

– Пред две години, на почетокот на пандемијата токму намаленото или изменето чувство за мирис и за вкус, како симптом беа карактеристични дека еден човек е позитивен на ковид-19. Многумина токму поради појавата на овој симптом и дознаваа дека се позитивни на ковид-19. Но, морам да потенцирам дека овој симптом беше карактеристичен за алфа и делта варијантите на ковид. Сега, последните месец дена, кога е доминантен омикрон сојот, овој симптом најчесто не е присутен – објаснува д-р Барбов.

Потенцира дека вакавата состојба кај некои луѓе била трауматична зашто траела со месеци.

– Специфична терапија за оваа состојба нема. Се остава самиот организам да се избори со спонтано опоравување без некоја посебна терапија – заклучува тој.

Луѓето се збунети од долготрајните симптоми

И микробиологот, проф.д-р Никола Пановски го потврдува ова искуство на многумина пациенти кои му се обратиле за совет.

Д-р Никола Пановски / Фото: Приватна архива

– Луѓето се збунети. Ми велат дека половина година јадат храна која е специфична на мирис, а особено на вкус, како на пример ќебапи, а имаат чувство дека јадат пластика. Очигледно дека ковидот прави оштетување на овие нерви. И тоа знае да биде голем проблем, особено кога трае подолго. Кога сме биле болни од грип имало губење на мирис или вкус, но траело ден-два. Ново е што во ковид-случаите трае подолго, односно со месеци – смета Пановски.