Медицински работник ја проверува температурата на волонтер за време на клиничките испитувања на „Спутник 5“ во Москва

Во мај, Томас Гоки стана волонтер и беше изложен на ковид-19 со надеж дека ќе помогне во патентирањето на потенцијална вакцина за вирусот. Тој волонтирал заедно со над 37.000 луѓе од 162 земји преку непрофитна организација која ги застапувала волонтерите. Ризикот од ваквите испитувања е сериозен, но тој се чувствувал етички поттикнат да го преземе, доколку тоа би помогнало на другите. Но, сега Гоки вели се кае за таквата постапка, во неговата колумна за британски „Гардијан“. 

– Се изложив на вирусот со надеж дека ќе им помогнам на ранливите луѓе ширум светот, a не да ги збогатам акционерите во фармацевтската индустрија и оние кои скржаво ќе ја произведат вакцината само за американскиот народ. Одлуката на САД да не се придружат на „Ковакс“ и мултилатералниот напор да се осигури вакцината за сите подеднакво, покажува алчност и го става национализмот над потребите на луѓето – тврди Гоки. 

Тој вели дека не може да зборува во името на другите волонтери, но сигурно и тие се чувствуваат слично како него. Вакцините не можат да бидат патентирани без волонтери, така што волонтерите ја имаат моќта во свои раце, да бараат подобри услови, не само за усовршување на ковид-вакцината, туку и за сите други вакцини. 

– Но, и „Ковакс“ има недостатоци. Нивниот план за ковид-вакцината обезбедува универзален пристап само за богатите земји, ги полни џебовите на фармацевтската индустрија, додека диктира услови на сиромашните земји и не го обезбедува бројот на вакцини кои им се потребни. Токму затоа е неопходна меѓународната соработка за заедничка борбата против ковид-19. Самостојниот пристап на САД само ќе го загрози здравјето на голем број луѓе – пишува авторот.

Антивирусниот лек ремдесивр, развиен од биофармацевтската компанија „Џилед саенс“, кој може потенцијално да делува против ковид-19, обезбеди застрашувачки пример за тоа што може да се случи ако САД продолжат по патот на национализирање на вакцините.

– Во мај, лекот беше одобрен за најсериозните случаи на заболени од коронавирус од Администрацијата за храна и лекови, а овластувањата за итни случаи беа искористени за САД да осигурат и добијат контрола над речиси целото глобално снабдување од лекот. „Џилеад саенс“ започна да наплатува 2.340 долари за вообичаен третман на ремдесивр, иако тие можеа да наплатат еден долар и сепак да остварат голем профит – тврди Гоки. 

Нешто слично се случи и во минатото, кога западните земји и компании го ограничија пристапот до лекови за третирање на ХИВ, што резултираше со над десет милиони смртни случаи, што беше една форма на индиректен геноцид. Затоа светот треба да се осигури дека нема истото да се случи со ковид-вакцината, се вели во колумната објавена од „Гардијан“.

– Ниту една земја, ниту една корпорација не треба да нè држи во заложништво. Преку нашите вредности, ние можеме да инсистираме на пристапот до вакцини за сите заедно да создадеме подобра иднина. Наша желба е да видиме искрена посветеност на еднаквоста меѓу луѓето. САД треба да соработуваат со остатокот од светот и да прифатат вакцините да имаат масовно производство, праведна дистрибуција и да бидат достапни за сите луѓе, во сите земји, бесплатно – заклучува Гоки.