Николас Римолди

„Си-ен-ен“ разговараше со еден од водечките европски антиваксери

Пред избивањето на ковид-19, Николас Римолди никогаш не присуствувал на протест, но во текот на пандемијата, во која неговата родна Швајцарија воведе заклучување во повеќе наврати, а потоа и сертификати за вакцинација, тој реши да го изрази неговото незадоволство и сега предводи една од најголемите младински антиваксерски групи во Европа – Мас Вол.

Бидејќи Римолди одлучи да не се вакцинира, сега во голема мера е исклучен од општествениот живот. Студентот, засега, без сертификат за вакцинација не може да го продолжи образованието или да заработува во маркетот каде што беше хонорарно вработен. Оневозможено му е да влегува во угостителски објекти, да присуствува на концерти или да оди во вежбалница.

– Луѓето без сертификат, како што сум јас, веќе не сме дел од општеството. Ние сме исклучени. Како да сме помалку вредни човечки суштества – смета Римолди, истакнувајќи го и неговиот став дека „живееме во двокласно општество, што е кошмар“.

Со влегувањето на пандемијата во нејзината трета година и новиот бран на зараза поттикнат од омикрон-сојот, владите низ светот уште се обидуваат да го стават вирусот под контрола. Вакцините претставуваат едно од најсилите оружја во пандемијата, но гласното малцинство во кое спаѓа и Римолди, одбива да ги прими.

– Повеќе држави затоа воведуваат построги мерки и рестрикции за невакцинираните, со цел да ги убедат да се имунизираат. Но, на тој начин, се тестираат границите помеѓу јавното здравје и граѓанските слободи, а избиваат и тензии меѓу вакцинираните и невакцинираните – заклучува „Си-ен-ен“.