Фото: Принт-скрин

Хонгконг се држеше до строгите прописи за справување против пандемијата според кои училиштата и вежбалниците не работат, а рестораните затвораат во шест часот попладне. Но кога властите објавија дека две илјади ‘рчковци треба да бидат усмртени бидејќи можат да го пренесат коронавирусот на луѓето, дојде до отпор меѓу жителите на Хонгконг, пишува „Вашингтон пост“.

Сега се појавуваат „канали“ за спас на напуштените ‘рчковци кои досега беа чувани како домашни миленции, при што се јавуваат луѓе кои ги прибираат и ги кријат глодарите. Локалниот „отпор“ се организира преку групи на социјалната мрежа „Телеграм“, со што околу три илјади луѓе се јавиле да ги згрижат ‘рчковците“. Други, пак, споделуваат информации, барајќи спас за нивните миленици.

Властите завчера објавија дека ‘рчковците купени од продавниците за домашни миленици по 22 декември се потенцијално заразени со коронавирусот, откако неколку глодари увезени од Холандија биле позитивни на ковид-19. Надлежните препорачаа сопствениците на продавниците да ги предадат ‘рчковците.

Случајот беше откриен откако се зарази 23-годишник вработен во една продавница за домашни миленици. Властите се правдаа оти немаат поинаков избор бидејќи ‘рчковците можат да заразат други животни, а исто така да ја пренесат заразата и на луѓето.

Но, повеќемина сопственици на продавниците се спротивставија на ваквиот повик. Дел од светските експерти ја доведоа во прашање оправданоста на ваквата одлука бидејќи засега нема доволно докази дека животните имаат значителна улога во ширењето на вирусот. Центарот за здравје на животните на Градскиот универзитет во Хонгконг соопшти дека ризикот од заразување од домашните миленици е занемарлив.

– Постојат многу непознаници за дефинитивно да се обвинат ‘рчковците – вели ветеринарката Лорен Дурочер-Бабек за „Вашингтон пост“.

Властите во Хонгконг немаат правни средства да ги принудат сопствениците да ги предадат милениците и порачаа дека нема да има законски последици во случај на непочитување на одлуката. Но дел од сопствениците на ‘рчкови, во паника, веќе ги предадоа нивните миленици. Други, пак, кажаа дека ќе ги кријат, ако дојдат во ситуација да мораат да ги предадат.

– Ако кажат дека коњите и кучињата се заразуваат, дали би одлучите да ги убиете сите – се прашува Сиу Динг Алис од Хонгконг.

Властите во Хонгконг се придржуваат до нулта-политиката против ковид-19, велејќи дека апелот е во интерес на населението.