Јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека на уште 14 земји ќе им биде забранет влез во Јапонија, како дел од зајакнување на граничните контроли поради инфекцијата со коронавирус која продолжува да се шири во земјата. На новиот список се и Русија, Перу и Саудиска Арабија.

Јапонија веќе забрани влез од повеќе од 70 земји и ги откажа визите за остатокот од светот. Забраната за дополнителни 14 земји стапува на сила во среда, рече Абе.

Забраната за влез и ограничувањата за визи, првично беа воведени до 30 април, но сега се продолжени до крајот на мај. Во Јапонија е на сила едномесечна вонредна состојба до 6 мај, а официјални лица и експерти го проценуваат ефектот и размислуваат дали таа да се продолжи.

Во моментов има 13.385 потврдени случаи на коронавирус во Јапонија, како и уште 712 лица од крузерот којшто беше во карантин кај Токио на почетокот на годинава. Од коронавирус починале 364 луѓе.