Откако беше потврден првиот случај во Јапонија на средината на јануари, здравствените служби ја уверуваа јавноста дека реагирале брзо за да спречат ширењето на вирусот да излезе надвор од контрола, пишува „Њујорк тајмс“. Истовремено, Јапонија ги збуни епидемиолозите успевајќи да ја избегне судбината на Италија или на Њујорк, без да воведе драконски ограничувања на движењето, карантин или масовно тестирање.

Оваа загатка, сепак, можеби ќе биде разјаснета. Јапонскиот министер за здравство Кацунобу Като, вчера го информираше премиерот Шинѕо Абе дека постојат докази оти Јапонија сега е под висок ризик за ширење на инфекцијата. Еден ден претходно гувернерот на Токио Јурико Коике ги предупреди безмалку 14-те милиони граѓани дека „градот е во критична фаза, пред можна експлозија на заразата“. Бројот на заразени во Токио порасна неделава, поставувајќи рекорди четири дена едноподруго, вклучувајќи ги 47-те завчерашни случаи, а лимитираното тестирање поттикна стравувања дека уште повеќе заразени не се регистрирани.

Коике упати апел до граѓаните на Токио да седат дома за време на викендот. Но јавноста во Јапонија досега не ги сфати ваквите предупредувања сериозно. Иако училиштата се затворени изминатиот месец и владата побара откажување на поголемите спортски и културни настани, преостанатиот дел од секојдневниот живот се одвива вообичаено. Луѓето го користат метрото, се шетаат низ парковите, одат на шопинг и јадат во ресторани, охрабрени од малиот број на случаи.

Додека заразата се шири низ разни делови на светот и болниците се преплавени од бројот на пациенти, азиската држава со 127 милиони луѓе до вчера пријави 1.300 заразени и 45 смртни случаи, со една од најбавните стапки на смртност од коронавирус во светот, наспроти нејзината повозрасна популација.

– Или направија нешто исправно, или не направија, а уште не го знаеме тоа – вели д-р Питер Рабиновиц, кодиректор на центарот за пандемска подготвеност и глобална здравствена безбедноста на универзитетот „Вашингтон“.

Јапонија навидум изведе подвиг за ставање на ковид-19 под контрола, со што нејзиниот случај ги интригира другите азиски држави каде што изби заразата. Јапонија не ги стави градовите под карантин како што тоа го стори Кина. Не употреби модерна технологија за надгледување како бројни држави, вклучувајќи го Сингапур. Не прифати ни масовно тестирање, што помогна во Јужна Кореја.

Епидемиологот од универзитетот „Колумбија“ Џефри Шарман, смета дека јапонскиот пристап претставува „коцкање“, земајќи ги предвид податоците од Кина.

– Постои ризик дека нешто се случува под површината и дека нема да го препознаете додека не биде предоцна – вели Шарман.

Администрацијата на јапонскиот премиер назначи специјална единица за одредување дали треба да биде прогласена вонредна состојба, додека се чини дека јапонската јавност засега не е потресена од коронавирусот.