Фотографијата што ја објавија медиумите му создаде непријатности на Кларк

Министерот за здравство на Нов Зеланд Дејвид Кларк беше критикуван дека имал активност од висок ризик и патувал два километра за да се занимава планински велосипедизам, со што не се придржуваше до превентивните мерки воведени од владата, пренесува „Гардијан“.

Кларк и се извини на премиерката Џасинда Ардерн, откако бил фотографиран како практикува планински велосипедизам, очигледно прекршувајќи ги советите на владата за безбедно вежбање за време на карантин.

Дејвид Кларк вчера вечер и рекол на премиерката дека отишол во парк на два километра од неговиот дом во Данедин.

– Разговарав со министерот за здравство минатата ноќ, кој ми се извини. Јас очекувам министрите да ги почитуваат стандардите што бараме жителите на Нов Зеланд да ги следат. Луѓето можат да излезат надвор на свеж воздух и да возат на кратки растојанија ако е потребно, но побаравме да се избегнуваат активности каде што постои поголем ризик од повреди, а министерот требаше да ги следи тие упатства – рече Ардерн во изјавата.

Кларк бил фотографиран со неговото комбе, а фотографијата ја објавија локалните медиуми.

– Ова беше мојата единствена шанса да излезам на вежбање во дневните часови. Самата патека не е тешка и многу ја користат семејства и за пешачење. Знам дека сега не е време луѓето да се вклучат во активности за вежбање со поголем ризик. Не сакам да оставам впечаток дека лесно ги сфаќам овие работи. Ова е потсетник за мене да размислам внимателно за тоа како најдобро да вклопам некои вежби во мојата новонормална рутина – порача Кларк.

Генералниот директор за здравство, Ешли Блумфилд, рече дека секој што презема физичка активност треба да го прави тоа безбедно.

Министерот за финансии, Грант Робертсон, изјавил за медиумите дека луѓето не треба да се ставаат во опасност, а Кларк знаел дека направил нешто погрешно. Според Робертсон, Кларк не треба да поднесе оставка, туку доволно е извинувањето.

Нов Зеланд воведе на „ниво четири“ на карантин за да го спречи ширењето на ковид-19. На граѓаните им било речено да останат дома, а на деловните субјекти да ги затворат своите простории освен ако не се занимаваат со неопходни услуги.

Денес владата на Нов Зеланд објави дека има 49 нови потврдени случаи и 22 можни случаи на ковид-19 во земјата, со што вкупниот број на досега заразени е 868.