Израелската разузнавачка агенција одигра голема улога во набавката на медицинска опрема и информации потребни за справување со пандемијата

Автор: Ронан Бергман

Њујорк тајмс

 Кога израелскиот министер за здравство откри дека е заразен со коронавирус на почетокот од овој месец, во карантин беа ставени сите високи претставници со кој имал контакт, меѓу кои и директорот на Мосад, славната израелска шпионска агенција.

Главната задача на офицерите на Мосад се тајните операции во странство во име на заштитата на Израел и обично не се вклучени во јавното здравство. Поради тоа Израелците се прашуваа зошто директорот на Мосад, Јоси Коен, се нашол во иста просторија со министерот за здравство Јаков Лицман?

Моќната агенција на Коен е силно вклучена во израелската борба против вирусот и беше една од највредните алатки во обезбедувањето медицинска опрема и производствена технологија од странство, според израелските медицински и безбедносни претставници. Додека државите во светот жестоко се борат за ограничените резерви за време на пандемијата, Израелците ја искористија секоја овозможена помош и безмилосно ја употребија нивната моќ да ги обезбедат.

Првичните процени за жртвите на коронавирусот во Израел беа страшни, иако веќе се докажаа како песимистични. Со речиси 11.000 регистрирани и 103 смртни случаи, земјата не спаѓа меѓу најпогодените. На почетокот на февруари, одговорните од најголемата израелска болница, медицинскиот центар „Шиба“, сфатија дека им се потребни повеќе респиратори и друга опрема. Потоа директорот на болницата Јицак Креис се сретна со Коен на приватен настан. Коен веќе дотогаш имал проценето како Мосад може да му помогне на здравствениот систем. Професорот Креис направил листа на најитна опрема, Мосад ја презел од министерството за здравство и ја активирал својата мрежа за да ги набави ресурсите.

На почетокот на март беше формиран команден и контролен центар за дистрибуција на медицинска опрема во државата, сместен во болницата „Шиба“ и со кој Коен управуваше. Таму беа распоредени претставници на Мосад, одделот за набавки на министерството за одбрана и воено-разузнавачката тајна единица 81 која се занимава со развој на напредна шпионска опрема.

– Само во Израел болницата „Шиба“ можеше да ја побара помошта од Мосад. Замислете дали може медицинскиот центар „Маунт синај“ од Њујорк да побара помош од ЦИА – порача Креис кој е поранешен армиски генерал и воен хирург.

Тој не сакаше точно да каже како Мосад му помогнал на израелското здравство или од каде потекнува увезената опрема. Но според шест актуелни или поранешни израелски претставници запознаени со операциите на Мосад, агенцијата ги искористила меѓународните контакти за спречи медицински недостиг кој ќе го оптовареше здравството.

Шестмината, кои сакаа да останат анонимни, наведоа дека контактите на агенцијата биле од непроценлива важност во набавката на респиратори и опрема за тестирање кои министерството за здравство на Лицман не успеало да ги обезбеди. Тие не сакаа да ги потврдат неизраелските медиумски извештаи дека набавките потекнуваат од соседните арапски држави, без никакви официјални дипломатски односи со Израел. Но најмалку еден висок претставник на Мосад во интервју со Илана Дајан за магазинот „Факт“ на телевизискиот канал 12 официјално изјави дека агенцијата набавила опрема која другите држави веќе ја нарачале.

Во првата недела од април, запознаените со операциите посочија дека Коен бил убеден дека оперативците на Мосад се погрижиле Израел да има доволно респиратори дури и за најцрното сценарио. Ако Лицман, кој беше остро критикуван поради првичниот послободен став кон вирусот, е симбол на недоволниот владин одговор, за многу Израелци, Мосад е спротивното. Токму неговата помош во справувањето со пандемијата му ја подобри сликата меѓу најпочитуваните владини институции.

– Дел од етосот на агентите на Мосад е да ја завршат задачата по секоја цена – порача Креис за нивната решителност која е заслужна за угледот на службата.

Првата испорака во Израел пристигна со специјален лет на 19 март со 100.000 тестови, соопштија од кабинетот на премиерот. Потоа пристигнаа дополнителни тестови, 1,5 милиони хируршки маски, десетици илјадници маски „н-95“, заштитни одела за прва помош, заштитни очила и лекови. Мосад исто така успеа да донесе технологија од надвор за да им овозможи на израелските лаборатории да ги вршат тестирањата за вирусот. Оперативците исто така ги обезбедија и технологиите за производство на респиратори. Со помош на ваквата технолошка експертиза, постепено се оспособуваат производствените линии кои можат месечно да произведуваат 25 милиони маски.

Напорите на Мосад беа полесни во недемократските земји каде што разузнавачките служби имаат поголемо влијание врз лидерите. Тие пред сè беа базирани на претходни контакти и заемна доверба меѓу Мосад и тие агенции. Во некои наврати, Коен дури лично ги контактирал своите колеги, па дури и разговарал директно со лидери на одредени земји. Една набавка на Мосад потекнува од Кина, при што израелското министерство за одбрана помогнало да се обезбеди медицинска опрема преку мрежата за купување оружје.

Во изминатата деценија Мосад вложи многу во развој на врските со државите на Блискиот Исток и Азија, кои барем официјално се сметаат за непријатели на Израел. Постојат бројни извештаи дека Коен се сретнал со лидери и директори на шпионски агенции на ОАЕ, Египет, Саудиска Арабија, Јордан и Катар.

Но не сите операции на Мосад завршија успешно. Едно запознаено лице вели дека агентите на Мосад најмалку еднаш биле надмудрени во Германија, каде што владини службеници им ја заплениле стоката на Израелците додека ја испраќале од фабриката. Друг случај бил со пратка на средства за дезинфекција од Индија, која била задржана на царина, а агентите на Мосад морале да се откажат од неа.

Сепак, Мосад ќе остане запаметен со сигурност затоа што во клучниот час ѝ помогнал на државата во невообичаената борба против невидливиот непријател.

Превод: Билјана Здравковска