Откако Шведска беше критикувана поради нејзината стратегија за борба против ковид-19 од страна на земјите-членки на Европската Унија, владата на Шведска се придржува до својата првобитна одлука да не воведе екстремни мерки за своето население како што направија Франција и Италија, пренесува Јуроњуз.

Граѓаните на Шведска беа советувани да работат од дома доколку можат, а да ги избегнуваат посетите на рестораните и кафулињата. Формални рестрикции не беа наметнати, но властите побараа од Швеѓаните да се однесуваат совесно наместо да излегуваат беспотребно. 

Како целосно спротивен контраст на Шведска, нејзините соседи Данска, Финска и Норвешка беа меѓу првите европски земји кои наметнаа мерки за движење откако почна епидемијата на ковид-19. Ваквата одлука на Шведска, данските новинари ја споредија како „гледање на хорор филм“. Иако е сѐ уште рано да се направат споредби, сепак, бројот на смртни случаи од коронавирус во овие три земји е релативно мал. 

Данска, земја со околу 5,6 милиони жители, има 6.318 заразени и 285 смртни случаи од ковид-19, а планира да ги отвори училиштата на 15 април. 

Норвешка има 6.603 потврдени случаи и 134 смртни случаи, а ќе ги отвори градинките на 20 април, а една недела подоцна и училиштата. 

Во Финска има 3.064 потврдени случаи, а само 59 смртни случаи од коронавирусот. 

За споредба, Шведска има 10.948 случаи и 919 смртни случаи од коронавирусот (88 смртни случаи на милион жители наспроти 47 смртни случаи на милион жители во Данска), а податоците покажуваат дека смртните случаи во земјата бргу се зголемуваат.

Но пристапот без строги мерки останува популарен меѓу Швеѓаните, а владејачката Социјалдемократска партија бележи пораст во рејтинзите откако кризата започна. 

Премиерот на Шведска, Стефан Лефвен, тврди дека владата ги следи упатствата на здравствените експерти во земјата. Според Светската Здравствена Организација, секоја земја сама одлучува кои чекори да ги преземе зависно од ситуацијата во која се наоѓа, како и во која фаза од епидемијата. 

– Верувам дека сите земји имаат различни мерки поради различни услови. Шведските власти преземаа неопходни мерки за претпазливост. Но, рестораните и кафулињата се полни со луѓе и покрај советите од владата да се избегнуваат гужви на јавни места. Не би рекол дека улиците се преполни, но не се ни празни. Очекувано е бројката на смртни случаи да се искачи на илјадници – вели Мардин Бабан, директор на непрофитна организација во Стокхолм.