Бетина Судер која беше третиот забележан случај на ковид-19 во швајцарски Цирих закрепна од заболувањето, пренесува „Свис инфо.

– Тоа беше чудно чувство затоа што одеднаш сте опасност за другите. Вие исто така се чувствувате осамено – вели Судер.

Дваесет и шестгодишната Сутер веројатно се заразилa во Италија, за време на познатата модна недела во Милано. При враќањето, една колешка и препорачала да направи тест за коронавирус. Првиот случај во Швајцарија бил идентификуван претходниот ден. 

Таа останала во изолација во универзитетската болница во Цирих четири дена. Потоа го продолжила карантинот од својот дом уште неколку дена. Сутер добивала повик од доктор секојдневно и откако не покажувала симптоми 48 часа таа била прогласена за закрепнета, со што можела да се врати на работа. Сепак, многумина и натаму не сакале да се доближат до неа.

– Станувате малку стигматизирани. И луѓето веќе ме избегнуваат бидејќи се плашат да не бидат заразени и јас го разбирам тоа – вели Сутер.

Таа работи како секретарка во клиника за плодност во Цирих. Но, сега таа сака да го искористи стекнатиот имунитет за да зема крв од пациентите. Како обучен здравствен работник, таа би сакала да ги понуди своите услуги во болница доколку нејзината клиника престане со работа.

Марсел Салате, раководител на лабораторијата за дигитална епидемиологија во Федералниот институт за технологија на Лозана (ЕПФЛ), вели дека закрепнатите луѓе наскоро ќе играат многу важна улога во борбата против заразата.

Според Салате тие би можеле да го вратат целиот здравствен систем во функција.

– Тие можат да преземат важни позиции од оние кои се заразени или се изложени на ризик од зарази – вели тој.