Роберто Тонели беше зафатен со планирање на својата свадба која треба да се одржи во септември, но пандемијата на коронавирус го погоди неговиот град Модена во северна Италија. Набргу потоа, тој и неговата свршеница Ивана Кастаниери, наместо за цветните аранжмани почнаа да разговараа за параметри за вентилација, пишува магазинот „Тајм“.

– Прво се запознавме во болницата. Таа беше мојот шеф – изјави Тонели (31) на крајот на смената.

Деновиве тие работат како пулмолози во истата болница, рамо до рамо, шест дена во неделата, најмалку 14 часа дневно.

Со текот на неделите, лекарите и медицинските сестри се повеќе го носат товарот во борбата на земјата против ширењето на вирусот. Во Италија се заразени над 4.000 лекари и медицински сестри, што претставува скоро осум проценти од случаите во државата, според италијанскиот Национален институт за здравје. Честопати, во првите борбени редови се медицински партнери кои се во романтична врска.

– Најлошиот дел од ова е што не сакате љубената да го гледа она што вие го гледате. Но, барем нејзиното лице е првото нешто што го гледам кога ќе ја отстранам заштитната опрема – вели Тонели.

Во малите градови низ Италија, не се само лекарите тие што се поврзани. Честопати, пациентите кои влегуваат во Одделението за интензивна нега доаѓаат од исто семејство. 

– Нашите први пациенти во Модена беа двајца браќа. Од неодамна беше хоспитализирано 13-годишно девојче. Неколку дена подоцна, нејзиниот татко беше исто така донесен на Одделението за интензивна нега – вели Кастаниери.

Пациентите на Тонели често ги чуваат своите телефони со нив за да разговараат со своите најблиски. Тие ги читаат вестите и ги гледаат стапките на смртност.

– Тие ме прашуваат, дали ќе умрам?“ вели тој. „Никогаш не ги лажам моите пациенти. Им велам, „заедно се бориме против ова – посочи Тонели.

Тој и неговата свршеница имаат двегодишна ќерка која моментно престојува кај бабите и дедовците. Тие не ја виделе повеќе од еден месец.

– Се надевам дека кога ќе порасне, ќе нè смета за нејзини херои – вели Кастаниери.