Активностите на канадскиот Џастин Трудо неделава, ќе бидат забележани во канадските учебници по историја. Тој во состојба на пандемија од коронавирус ја затвори границата со САД за патувања што не се неопходни, обезбеди огромен пакет со економска помош и направи значителен чекор до воведување на закон што ќе и овозможи на владата да ги ограничи граѓанските слободи, пишува американското издание на магазинот „Политико“.

А лидерот на Г-7 го направи сево ова од неговиот дом, грижејќи се за своите три мали деца. Всушност, повеќе од една недела, премиерот се грижеше за децата сам. Тој и неговите деца влегоа во 14-дневна самоизолација откако неговата сопруга Софи беше позитивна на тестирањето за ковид-19, минатиот четврток. Тој инсистира дека е добро и вели дека Софи, која е ставена во карантин во еден дел од нивната куќа, се чувствува подобро и покрај лесните симптоми слични на грип. 

Во домот на Трудо нема негуватели или политички персонал. Присутни се само петтемината членови на неговото потесно семејство, изјавил владин претставник за „Политико“. Како и многу други родители кои сега работат од дома, тој се соочи со некои предизвици. Трудо доцнел на вечерна телефонска средба со политичкиот персонал неделава, поради одложеното капење на шестгодишниот син Адриен. 

Од својот дом, канадскиот премиер исто така требаше да се справи со домашната и меѓународна координација за коронавирусот, преку повици со американскиот претседател Доналд Трамп и други светски лидери, локалните власти и неговите министри. Тој дури учествуваше на видео-конференција со лидерите од Г-7 за заедничкиот одговор на ковид-19, додека седеше во својата канцеларија, при што можеше да се забележи како уметничките дела на неговите деца се прикачени на ѕидот.

На Трудо му преостанува барем уште една недела во изолација што значи дека тој би можел да отсуствува од Претставничкиот дом следната недела, кога парламентот ќе го разгледа неговиот план за економски спас вреден повеќе милијарди долари.

Но, и покрај ситуацијата, Трудо почна да го зголемува бројот на јавни настапи. Тој почна зачестено да одржува дневни прес-конференции, неколку чекори од тремот пред влезната врата на неговата куќа. Официјалниот претставник на неговиот кабинет рече дека Трудо подготвува оброци за Адриен, Ела-Грејс и Ксавиер, користејќи намирници кои доставувачи ги оставаат пред вратата од нивниот дом. 

Сите состаноци со персоналот се спроведуваат преку безбедна телефонска линија. Сепак, телефонските повици создадоа нови предизвици додека министрите и другите службеници додека се обидуваат да ги следат пишаните информации и графикони. Клучните дискусии станаа покомплексни, поради неможноста да се забележи реакцијата на учесниците, односно на говорот на телото.

– Вие не ја гледате суптилната разлика во разговорот, како на пример менувањето на фацијалната експресија и подигањето на веѓата на Трудо – велат официјалните претставници.