Инстаграм е главно познат како платформа за споделување на селфи-фотографии, но дали може да се користи и за следење на ширењето на пандемијата, прашува „Економист“.

Бидејќи владите и давателите на здравствени услуги ширум светот ги бараат можните носители на коронавирус, популарната социјална мрежа Инстаграм, преку која луѓето споделуваат слики и видеа од местата кои ги посетуваат, би можела да се покаже како извор на вредни информации за движењето на вирусот.

Платформата може да изгледа чудна алатка за проучување на појавата на заразата, бидејќи постарите луѓе се најранливи на вирусот, а повеќето корисници на Инстаграм се на возараст под 35 години. Но, младите луѓе можат да бидат моќни носители на болеста. Тие честопати доживуваат благи симптоми, па заразените можеби не знаат дека се болни.

Ако тие се нестрпливи и почнат да патуваат, поголема е веројатност дека ќе ја шират болеста. Дури ако еден инстаграм-инфлуенсер кој се шета низ светот по сознанието дека е заболен од вирусот се стави во самоизолација, тој во неговото патување можеби веќе заразил повеќемина луѓе.

За да испита како социјалната мрежа може да се искористи за следење на пандемијата, „Економист“ идентификуваше повеќе од 20.000 корисници на Инстаграм кои постираа на платформата, додека се наоѓаа во градови кои во тоа време имаа најмалку 50 потврдени случаи на „ковид-19“. Доколку се следи нивното патување, се забележува оти тие ги посетиле жариштата на коронавирусот. Иако сите овие корисници не биле заразени со вирусот, тие сепак биле потенцијални носители, а со тоа се и од интерес за оние што ја следат болеста.

Истражувањето покажа дека имало околу 53.000 набудувани случаи објавени во над 2.000 градови низ 125 земји. Било откриено дека движењето на корисниците на Инстаграм кои се идентификувани како потенцијални носители на коронавирусот, има тенденција да го следи движењето на самиот вирус, што подоцна го откриваат локациите на заразените објавени од официјалните извори.

Некои корисници патувале до местата каде што нема заболени од вирусот, а кои подоцна биле погодени од појава на болеста, зголемувајќи ја можноста самите да го донесат вирусот. Активноста на дел од другите корисници покажа индиции за можните патеки на пренесување на вирусот, како што е, на пример, патувањето во швајцарско скијачко одморалиште.