Жената го запре таксито и кажа дека сака да оди во болница. Возилото заглави во сообраќајниот метеж бидејќи тоа е честа појава во тајландски Бангкок. За побрзо да и помине времето, жената го извади телефонот и навалувајќи се нанапред покажа на некои туристички атракции кои би сакала да ги посети. Таа потоа кивна кон лицето на таксистот, пишува „Њујорк тајмс“.

– Си помислив, таа е убава, но нема манири – вели таксистот Тонгсук Тонграт за туристката од Кина која ја превезол.

Една недела подоцна 50-годишниот Тонгсук беше позитивен на коронавирус. Неговата дијагноза го нагласува ризикот за возачите и другите лица кои доаѓаат во контакт со посетители од странство, дури и за време на намалениот интензитет на патувањата.

Уште двајца возачи се заразија со коронавирус на Тајланд, каде што досега има барем 41 случај на ковид-19. Во Тајван, таксист што превезе двајца патници од Кина и од Хонгконг почина од коронавирус месецов. Во Јапонија, возач на автобус кој превезувал посетители од Вухан, исто така е заразен со коронавирус, како и туристичкиот водич од истиот автобус. Има два слични случаи меѓу таксистите во Сингапур.

Тонгсук кој целосно закрепна од вирусот по 14 дена поминати во оддел за изолација, сега се врати на возењето такси, за да увиди дека нема многу работа деновиве. Околу 60 отсто од неговите патници беа посетители од Кина, но тие веќе не доаѓаат поради преземените мерки за спречување на патувањата.

– Повеќето од Кинезите беа фини и ми недостигаат – вели таксистот кој сега заработува најмногу 10 долари дневно, за разлика од вообичаената заработка од 30 долари пред избивањето на заразата.

Тонгсук бил внимателен да набави маска за лице по појавата на првите симптоми, кога не знаел дека има коронавирус, а имал оброци настрана од останатите членови на семејството, со што не заразил никого од неговите најблиски.