Куќите на Хобитите од од романот „Господарот на прстените“ на Џ.Р.Р. Толкин

Светските медиуми изминатиов период се потсмеваа со мерките кои Нов Зеланд минатата недела ги усвои за заштита од коронавирусот, а Велика Британија беше најгласна меѓу они кои се подбиваа. Во неговата колумна за „Гардијан“ насловена „Зошто сме среќни хобити во мистериозното социјалистичко пустинско царство на Џасинда“, Макс Рошбрук објасни зошто земјата влезе во нов карантин, иако имаше само еден новозаболен од коронавирусот.

– Јас сум горд сопственик на британски пасош, но за време на пандемијата не би сакал да бидам на ниедно друго место освен на Нов Зеланд. Се држам за кажаното, иако тука повторно има карантин, додека Велика Британија „ужива“ во нејзиното лето. Некои британски колумнисти нѐ нарекоа „мисттериозно социјалистичко пустинско кралство“, но тоа е далеку од вистината. Ние овде живеевме послободен живот, и покрај карантините, кои реално, траеја кратко – напиша авторот на колумната.

Во Нов Зеланд досега од коронавирусот починаа 26 лица, што значи дека нивото на смртност е 400 пати пониско во споредба со Велика Британија.

– Тешко ми е да замислам негативна страна на нашиот пристап. Иако карантините не се добри за психичкото здравје, но тоа е далеку подобро отколку да гледаме „како бројот на мртви тела се зголемува“. Дури и економијата на Нов Зеланд се опорави побрзо од британската економија. Нивото на невработеност (околу 4 отсто), е толку ниско, што компаниите кои вработуваат всушност ги зголемуваат платите за да најдат персонал. Да, ние во споредба со Британците можеби сме поспани, мали хобити, кои живеат во кралството на Џасинда Ардерн (премиерката на Нов Зеланд – н.з.), и сме помалку заштитнички настроени за нашите човекови права. Но кога нарушувањата на нашите права се пропорционални на штетата што компетентните власти сакаат да ја спречат, граѓаните имаат право да им веруваат – наведува Рошбрук.

Тој се осврнува и на ефектите од „заклучувањето“ воведено од властите на Нов Зеланд.

– Бидејќи стапките на инфекција со делта-сојот се исклучителни, се разбира, нашето најново заклучување можеби нема многу да помогне. Ние немаме кристална топка со која ќе ја предвидиме иднината. Но, во моментов тоа изгледа како вистинската стратегија. Отворањето на границите ќе биде возможно откако луѓето ќе се вакцинираат и останатите земји ќе бидат безбедни за патување. Тоа пак, се чини дека нема да се случи барем до крајот на годинава. Дотогаш, Нов Зеланд ќе биде во истата ситуација како и останатите земји, односно ќе се одвива имунизација на сите оние кои сакаат да ја примат вакцината, пред да дојде на ред очајничката битка против антиваксерите – пишува во колумната објавена од „Гардијан“.

Искрено, среќен сум што Обединетото Кралство толку масовно го вакцинираше населението, помагајќи да се заштитат голем број од моите британски пријатели и членови на семејството. Но, наместо да им се потсмеваат на другите, би било добро Британците да размислуваат за сопствените грешки и да продолжат да мислат на проблемите предизвикани од пандемијата што веќе две години нѐ тестира сите нас, заклучува Рошбрук во неговата колумна.