Ако добиеме вакцина против коронавирус, светот веднаш ќе стане побезбеден и поспокоен. Токму тоа е целта на вакцините

Автор: Д-р Пери Клас

Њујорк тајмс

Сонувам за денот кога ќе биде претставена првата успешна вакцина против ковид-19 што повторно ќе го врати нормалното функционирање на животот, за триумфалното соопштение дека тестирањето било успешно, дека науката победила и како сите ќе застанеме во ред да ја примиме. Ваквата вакцина ќе ни ја врати слободата за социјализација, патувањето, ќе нè ослободи од грижите, вознемиреноста и стравот кои сега се наше секојдневие. Ова е сон што ни дава надеж, но за жал сè уште не станува реалност.

Заглавени во бесконечниот круг на вести, многумина родители и останати, сега сфаќаат како е да се надеваш, да чекаш и дури да се молиш за вакцина. Ова е момент кој треба да нè поврзе со не толку далечната историја и да не натера да размислиме дали загубивме одредени вредни перспективи. Во 1955 година кога првите клинички тестирања покажаа дека новата вакцина против полио на Џонас Салк беше „безбедна, ефикасна и моќна“, медиумите веднаш поитаа да ја пренесат веста.

– Беше неверојатен момент кога целата нација можеше да здивне дека има начин да се спречи страшната детска болест. Кога беше соопштено, се огласија црковните ѕвона, а возрасните излегоа на улиците и се прегрнуваа – порача Дејвид Ошински, професор на медицинскиот факултет на њујоршкиот универзитет и автор на книгата „Полио: американска приказна“.

Дали можете да замислите какво олеснување ќе има ако постои ефикасна вакцина против коронавирусот? Со оглед на тековниот интензитет, може да очекуваме слично сценарио како вакцината против полио. За повеќето од нас сосема ново искуство е очекувањето на вакцина. Вакцина против ебола брзо беше пронајдена, но јавноста во САД не беше запознаена во целост и не почувствува големо олеснување. Вакцините кои неодамна станаа задолжителни се успешни, но не е познато дали луѓето живееја во страв, очекуваа и се надеваа на вакцина против ХПВ или менингитис. Вакцината на која луѓето се надеваат, но не е изготвена, е онаа против ХИВ.

Ако добиеме вакцина против коронавирус, нашиот свет веднаш ќе стане побезбеден и поспокоен. Науката повторно ќе најде решение и ние повторно ќе можеме да патуваме (со авион и брод) послободно во светот, барем до наредниот проблем.

Вакцините навистина ни дадоа смиреност која ја зедовме здраво за готово. Дали можеме да замислиме каков беше светот пред вакцините? Замислете епидемија на вариола која е посмртоносна од ковид-19 или полио кој предизвикуваше парализа и смртност кај децата. Луѓето тогаш мораа да функционираат нормално во секојдневието. Вакцините нудат начин за индивидуална заштита и креирање на побезбеден свет. Но луѓето заборавија да бидат благодарни за нив и што тие значат.

Истото важи и за грипот чија вакцина ги намалува шансите за заболување или ги ублажува симптомите. Исто така таа ги намалува шансите болеста да се шири меѓу населението и кај ранливите категории (деца, постари и лица со хронични болести). Американските центри за контрола и спречување на болести проценуваат дека ќе има најмалку 20.000 (дури и можеби над 50.000) смртни случаи од сезонски грип годинава во САД, вклучувајќи над стотици кај деца.

Секоја година се бориме да ги натераме луѓето сериозно да го сфатат грипот, да се вакцинираат, да мијат раце – нешто што одеднаш сфативме дека е прашање на живот или смрт. Можеби следната година ќе бидеме посериозни и барем посвесни да ја цениме науката и јавното здравје.

– Ме боли кога гледам дека стравот од пандемија е единственото нешто што ја враќа почитта кон науката. Сега сфаќаме дека потребна ни е ваква заштита – вели Ошински.

Кога ќе се појави вакцината против ковид-19, ќе треба да соработуваме и колективно да размислиме како ќе се користи, како во случајот на вакцината против сезонски грип, но не само да спасуваме поединци, туку целиот свет да го направиме побезбеден. Вакцините се наши човечки победи, триумф на генијалноста и интелигенцијата, како науката ја користи биологијата за подобрување на имунолошкиот систем и зошто треба да сме им благодарни.

Превод: Билјана Здравковска