Италија се соочува со недоумица околу пандемијата, прашувајќи се како држава со 60 милиони жители има повеќе смртни случаи од која било друга земја, пишува Блумберг.

Можен траг за одговорот претставуваат добрите вести од сезоната на грип, во која бројот на смртни случаи меѓу повозрасните Италијанци беше под вообичаениот просек, според извештај на италијанското министерство за здравство.

Повозрасните и оние со хронични заболувања кои беа поштедени од грипот во периодот од ноември до јануари, станаа полесна цел за новиот вирус во февруари и во март, се наведува во анализата.

Помалиот број на смртни случаи од грипот доведоа до „зголемување на бројот на ранливите категории“ според извештајот кој анализираше податоци од 19 италијански градови. Се смета дека тие Италијанци веројатно влијаеле врз зголемувањето на ударот од ковид-19 врз повозрасните.

Во градовите од северот на Италија, стапката на смртноста од сезонскиот грип меѓу повозрасните од 65 години беше шест отсто под просекот од претходните години, за разлика од југот на државата каде што беше три отсто под просекот. А за намалувањето на смртноста од сезонскиот грип придонеле и благите температури изминатата зима.

Разбирањето на историјата на сезонскиот грип можеби ќе овозможи објаснување за стапката на смртност од ковид-19.