Олег Скрипочка

Не беше познато за ковид-19 кога командирот на Интернационалната вселенска станица ја напушти Земјата

Кога рускиот астронаут Олег Скрипочка последен пат стапна на Земјата, во септември, имаше уште два месеца до откривање на првите случаи на ковид-19, а малкумина надвор од медицинските кругови знаеја што е тоа „коронавирус“, пишува „Фајненшл тајмс“.

Следната недела 50-годишниот астронаут ќе се врати на планетата која значително се смени откако тој замина. Додека тој орбитираше во вселената како командир на Интернационалната вселенска станица (ИСС), пандемијата се ширеше низ светот, заразувајќи повеќе од 1,5 милиони луѓе, ставајќи ги народите во карантин, и убивајќи околу 90 илјади лица.

Вселенската станица која постои 22 години, спроведувајќи истражувања и научни студии во вселената на 400 километри над Земјата, е еден од истакнатите примери на американско-руска соработка, под зедничко управување на Вселенската агенција на Русија и на американската НАСА.

Наспроти избивањето на заразата, руската „Роскосмос“ е решена да остане доследна на распоредот за ракетни лансирања, за ИСС да продолжи да функционира непречено и потполно екипирана, како и дека ќе остане безбедна од ковид-19.

На Земјата, подготовките за испраќање на екипаж што ќе го замени постоечкиот на ИСС, наидоа на компликации поради пандемијата, особено откако деветмина вработени во „Роскосмос“ беа позитивни на ковид-19 минатата недела.

Една од главните грижи беше осигурување на здравјето на двајцата руски и едниот американски астронаут, кои во четвртокот од космодромот во Бајконур, Казахстан, заминаа на мисија со влеленското летало „МС-16“ за да ги заменат Скрипотка и уште двајца членови на неговиот екипаж. Членовите на екипаќот на „МС-16“ беа подложени на специјални мерки за да се заштитат од заразата.

На 25 април, руската ракета „Прогрес“ ќе го следи „МС-16“ за да достави два тона товар на ИСС, вклучувајќи околу 700 килограми гориво, храна, вода и медицински залихи, заедно со опрема потреба за функционирање на електронскиот систем на станицата.

Скрипочка и неговата американска колешка Џесика Меир ќе поминат 205 дена во вселената на оваа мисија, доколку заминат од станицата на 17 април, како што е планирано. Екипажот има пристап до Интернет и извесно е дека знаат за пандемијата.

Останува и прашањето како да се постапи со астронаутите при нивното пристигнување на Земјата, кога ќе слетаат во казахстанската пустина. Државата во централна Азија ги стави најголемите градови под карантин и го забрани влезот за странци. 

– Во Казахстан, како и во Русија сите кои доаѓаат од странство ќе бидат испратени во 14-дневен карантин. Ова веројатно ќе важи и за Шипочка по неговото враќање од ИСС. Целата програма за рехабилитација по вселенската мисија сега е доведена во прашање – вели Сергеј Савин, водечкиот епидемиолог во центарот за тренинг на „Роскосмос“.