Граѓаните на САД се справуваат со новиот коронавирус на различни начини. Некои се самоизолираат, додека други немаат ниту тронка совест и грижа за своите блиски, и се можни преносители на вирусот. Од префрлања и обвинувања на улиците, па сѐ до политички дуели потпалени од ковид-19, трпението и стравот во САД достигнуваат критична точка, пренесува „Ројтерс“.

Новиот коронавирус ги подели граѓаните на оние кои се обидуваат да се придржуваат до прописите на властите, и другите кои како да се обидуваат да направат сѐ за да го продолжат нивниот секојдневен живот. 

„Одете во своите домови“, се слуша одново од прозорците на зградите, додека долу на тротоарите можат да се забележат луѓе на прошетка. Сѐ повеќе гласови се продружуваат во апелот на загрижените граѓани кои сакаат вирусот да не се прошири дополнително. 

– Бев шокирана кога видов како млади луѓе, во нивните 20-ти и 30-ти години, испоседнале во рестораните без ни малку грижа за светската пандемија. Собрав храброст за да се соочам со нив, но тие ми возвратија со навредливи зборови – вели Џоан Васерман, 65-годишна жена која решила со кратка прошетка да ја разбие монотонијата од самоизолацијата. 

Младите кажале дека се обидуваат да имаат опуштен неделен ручек, а на Џоан и порачале да си ја гледа својата работа.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика граѓаните да ги намалат социјалните активности во времетраење од 15 дена, со цел да се спречи ширењето на вирусот, како и да се заштитат постарите лица и оние со хронични болести. 

Но, вирусот беше и причина за организирање на настани во добротворни цели, на кои наставниците од училиш покренааа собирање донации и храна за сиромашните деца, а соседите си помагаат и се грижат едни за други, донирајќи средства за дезинфекција, заштитни ракавици и маски.

Сепак, за време на пандемијата, најзагрижени се родителите на оние деца со хронични болести. 

– На некои луѓе, едноставно, не им е грижа за оние кои се ранливи и болни. Не ми се верува колку несериозно се однесуваат оние кои постојано одат во рестораните и кафулињата и покрај мерките на властите – вели Беки Рац, чија осумгодишна ќерка Ела боледува од епилепсија и има други невролошки и имуни нарушувања. 

Ратс открива дека била исреволтирана откако нејзин близок пријател се вратил од патување и притоа не се самоизолирал, потенцијално ставајќи ги сите со кои е во контакт во опасност. 

Тина Рејмонд, чиј син починал во 2010 година од свинскиот грип, исто така е гневна на луѓето кои продолжуваат со секојдневниот живот без трошка совест и грижа.  

– Можно е тие да се заразени од вирусот и да не знаат, несвесно пренесувајќи го на нивните блиски и пријатели. Вакви предупредувања и мерки немаше во времето на свинскиот грип – вели Рејмонд, револтирана од фотографиите на социјалните мрежи на кои младите се дружат како сѐ да е во ред.