Принцезата Софија од Шведска минатата недела започна да волонтира во болницата во Стокхолм, каде е и почесен член, среде пандемијата на коронавирус, пренесуваат светските медиуми.

Принцезата Софија е меѓу 80-те луѓе кои за една недела го завршиле тридневниот интернет-курс за итни случаи, креиран од универзитетот „Софијахемет“ за да и помогне на болницата, која е преполна по избувнувањето на пандемијата, јавува списанието „Пипл“.

– Во кризата во која се наоѓаме, принцезата сака да се вклучи и да даде придонес како доброволен работник, за да го олесни големиот обем на работа на здравствените работници – се вели во соопштението на кралскиот суд.

Таа нема да работи директно со пациенти, туку ќе ги пружи поддршка на лекарите и медицинските сестри преку смени во кујната, дезинфекција на инструменти и чистење, рече Пиа Хултрантц, портпарол на болницата „Софијахемет“.

– Тие ќе ги растоварат здравствените работници за време на оваа криза, така што оние што се обучени да се грижат, можат да го сторат тоа. Со други зборови, секој што ќе присуствува на оваа обука нема да има никаква обврска во близина на пациентот. Без оглед на се, никој од учесниците на курсот нема да работи директно со пациенти со корона – додала Хултрантц, според Ројал Централ.

Софијахемет во моментот нема потврдени случаи на ковид-19, објави „Пипл“.

Болницата имала врска со шведското кралско семејство од 1884 година кога кралицата Софија од Шведска и Норвешка ги спонзорирала своите програми за образование на медицински сестри, пренесува Ројал Централ.

Софија е во брак со принцот Карл-Филип и тие имаат две деца – принцот Александар и принцот Габриел.