Една по една, земјите ширум светот излегуваат од карантинот кој настана поради ширењето на коронавирусот, некои побрзо од другите. За време на изолацијата, многумина претрпеа значителни промени и научија важни лекции, пренесува Си-ен-ен. 

„Научив на потешкиот начин“

Музичарот Лори Рајт се опоравувал четири месеци од алкохол и зависност од дрога  кога започнал карантинот во Велика Британија. 

– Изолацијата ја поминав со моите родители, значи не бев целосно сам. Со продажба на мојата музика и продукти, а и со видеопреноси во живо успеав да соберам 1.750 фунти кои ги донирав за Национална здравствена служба. За рехабилитација, присуствувам на анонимни собири онлајн, за што сум многу благодарен – вели Рајт. 

Тој открил дека, како многумина, ужива во прошетките надвор, но исто така научил да готви многу рецепти, а напишал и 14 нови песни. 

– На почетокот на изолацијата го запоставив лекувањето, бидејќи разговарав со многу луѓе преку Интернет, што ми помогна да изградам голема група на обожаватели онлајн. Но, исто така, научив на потешкиот начин дека, што и да ставите како приоритет пред рехабилитацијата, на крајот ќе загубите. Со нетрпение очекувам да почнам со турнеи низ Велика Британија, но и низ Европа, кога тоа ќе биде дозволено – вели Рајт. 

„Голем број луѓе се грижеа за мене и ми даваа поддршка онлајн“

Како и голем број Американци, уметничката Енџи Лафранс исто така останала без работа со ширењето на вирусот. Таа имала потешкотии да остане во изолација. 

– Голем број емоции се јавуваат поради новонастанатиот начин на живот. За среќа, секогаш можам да ги канализирам во мојата уметност. Многу луѓе од целиот свет се поврзуваа со моите илустрации, и секојдневно со мене ги споделуваат нивните искуства од изолација, што само по себе направи да не се чувствувам толку осамено. Имам пријатели кои изгубија членовите од семејството поради вирусот, што ми прави стрес и тежина и цело време ме тера да се грижам за моите најблиски – вели Лафранс. 

Доколку таа би можела да се врати во времето, би си дала себеси само еден совет. 

– Доколку би можела да се вратам во времето и да си дадам совет на самата себе, тоа би било „фокусирај се на работите што можеш да ги контролираш“. Останувањето без работа, оддалеченоста од пријателите и семејството, но и постојаната битка помеѓу оние кои не веруваат во вирусот и оние кои ситуацијата ја сфаќаат сериозно, се работи кои не можете да ги контролирате – вели таа. 

Сè што можеме да направиме, вели Лафранс, е да се соочиме со секој нов ден и да се обидеме да останеме здрави и колку што можеме попозитивни.

„Никој не сака да тажи и плаче на оддалеченост од два метри“

Дедото на Ник Шиндлер, Џон Коен, починал на 99-годишна возраст, почетокот на април, додека биле во изолација.

– Ситуацијата не ни дозволи да тажиме за мојот дедо како што доликува. Зборуваме за него, се сеќаваме и се шегуваме, имавме и мал собир во негова чест, но никој не сака да тажи и плаче на дистанца од два метри. Не можеме да си ги дозволиме ни најкратките прегратки – вели Шиндлер. 

Шиндлер објаснува дека неговите родители добиле дозвола да ги подигнат неколкуте лични предмети од домот за нега. 

– Чудно е да ги видиме неговите лични предмети, кои беа уредно спакувани и сочувани. Тој секојпат се обидуваше да ни дава подароци. Ние го одбивавме, се разбира. Овојпат тој не може да добие „не“ за одговор, така што малкуте лични предмети се поделени меѓу најблиските. Ќе ми недостига. Со нетрпение чекам да можам да го гушнам секого, откако ситуацијава ќе помине – вели Шиндлер.