Чистото небо, времето поминато со семејството и со најблиските, како и намалувањето на метежот на патот до работното место се само дел од позитивните работи кои ги истакнуваат оние кои уживаат во карантинот предизвикан од пандемијата. Тие одат дотаму, што велат дека не сакаат карантинот никогаш да заврши, противно на оние кои се радуваат на попуштањето на мерките за движење и за изолација, пренесува „Јуроњуз“.

За многумина, изминативе два месеца беа причина за анксиозност и стрес, како и огромна грижа и страв за здравјето на нивните блиски. Други пак, најдоа утеха во изолацијата, која им овозможи да откријат нови хобија, да работат од удобноста на своите домови, како и да поминат повеќе време со семејството. Повеќето од нив, ублажувањето на мерките и враќањето во нормала не ги дочекаа како радосна вест и не кријат дека сакаат карантинот да продолжи да трае и понатаму. 

Помалку време поминато во сообраќаен метеж

Костас Антониу, 35-годишен финансиски работник во Лондон, вели дека најпозитивна работа од ковид-кризата е редуцираниот метеж низ градотвите, како и брзото пристигнување на работа со воз. Пред да настапи изолацијата, тој чекал и по неколку часа за да стигне на неговото работно место.

– Работењето од дома исто така претставува задоволство, а докажува дека не ни се потребни канцелариите. Во канцелариите има премногу галама од другите работници, разговор, смеа… поради тоа не можам да се сконцентрирам – вели Антониу. 

Тој не е единствениот што е благодарен за намалениот метеж низ Лондон. 

– Тивките и празни патишта ми заштедуваат дури и до два часа во денот. Тоа претставува вистинско блаженство – напиша Ник Мадрек на Фејсбук.

Чист воздух, птичја песна и откривање нови хобија 

Откако беа наметнати мерките, а сообраќајниот метеж беше значително намален во големите градови, луѓето почнаа да го забележуваат цвркотењето на птиците, кое долго време беше задушувано од бучавата на сообраќајот. Загадувањето во градовите исто така е значително намалено.

– Небото е чисто, воздухот е значително подобар, а можеме да го чуеме и пеењето на птиците, кои долго време беа изгубени во бучавата од сообрачајот – вели Жоао Рикардо од Порто, Португалија. 

Тој открил дека има желба за нови хобија, а започнал да одгледува зеленчук додека се изолирал во неговиот дом. 

– Почнав да се занимавам со одгледување зеленчук, а планирам да продолжам со таа активност и по карантинот – вели Рикардо. 

Според него, зелената салата, јагодите и доматите се повкусни од оние кои ги купува од супермаркетите. 

Повеќе време поминато со семејството

– После сето ова, кога ќе се вратиме на обврските од „секојдневниот живот“, ќе ми недостигаат разговорите со мојот син, гледањето филмови и готвењето – вели 33-годишната Рафаела Боги од Велика Британија, вработена во железницата во Бристол. 

Таа исто така ужива во тишината, во возењето велосипед по празните улици, како и во читањето книги кои претходно сакала, но немала можност и време да ги набави и прочита. 

Грижа за семејството и едукацијата

– Јас и мојата сопруга дирекно станавме одговорни за образованието на нашите деца, а нивната училница е во нашиот дом, веднаш до нашата соба. Ние разговараме со нив и директно сме вклучени во нивниот образовен процес. Потоа, правиме кратка прошетка за размрдување, трчаме и играме малку фудбал во дворот. Не сакам да се вратам во задушлива канцеларија, која и онака не ми е потребна бидејќи сѐ можам да работам и од удобноста на мојот дом – вели Гилс Андерсон од Лондон, кој работи како уредник за фотографии. 

Андерсон за време на изолацијата купувал локални производи и е среќен бидејќи на тој начин им помага на малите бизниси, наместо на големите супермаркети и претпријатија. 

– Кога ковид-кризата ќе заврши и ќе зборуваме за животната околина, имаме доказ и знаеме дека сме способни да направиме промена. За само еден месец го трансформиравме начинот на нашето егзистирање, и искрено се надевам дека нешто од ова ќе продолжи и по карантинот – вели Андерсон.