Во трката за вакцина против ковид-19, д-р Леви се надева дека некој ќе стигне пред него

Научниците ширум светот напорно работат на пронаоѓањето вакцина против новиот коронавирус, наречен ковид-19. Дел од нив се фокусирани на пронаоѓање на лек користејќи го искуството од борбата против САРС-епидемијата, пренесува „Тајмс оф Израел“. 

Програмата ПВП во Клиниката за деца во Бостон напорно работи на вакцината за ковид-19. Но, група доктори предводени од д-р Офер Леви работи на вакцина што ќе биде наменета за лица над 65 години. 

– Вакцините не се секогаш наменети за сите возрасти. Имуниот систем реагира различно на различна возраст. Старите лица се најранливи на вирусот. Затоа нашиот тим е фокусиран да им помогне на нив – објаснува Леви. 

Леви и неговиот тим работат на вакцина од средината на јануари. Тие работат на молекули кои ќе ја зајакнат реакцијата на вакцината, односно ќе ги комбинираат молекулите и дел од коронавирусот наречен „шилест протеин“. 

Засега, тестовите се вршат на лабораториски глувци, а Леви се надева дека наскоро ќе почнат тестови со примероци од човечка крв. 

– Кога ќе се случи избивање на епидемија, очите на народот се свртени кон нас. Но, кога истата ќе помине, сите му заблагодаруваат на бога и продолжуваат со нивните животи. Луѓето не го земаат факторот дека истражувачите постојано треба да бидат вклучени и да работат за здравјето на луѓето – вели Леви. 

Леви објаснува дека нивната работа се потпира на работата од претходните истражувања и постигнувања против инфективните болести, цитирајќи ја работата на тимот на Питер Хотез, кој работеше на пронаоѓање вакцина за САРС. 

– Додека вакцината за САРС да биде готова, епидемијата беше завршена. Некои луѓе тврдеа дека за истражувањето бадијала се потрошени средства и пари. Но, вакцината беше пронајдена. Благодарение на нивната макотрпна работа, ние денес сме чекор понапред во борбата со коронавирусот – објаснува Леви. 

Питер Хотез и неговата колешка Мариа Ботази од универзитетот Бејлор сега му помагаат на Леви во неговите напори за пронаоѓање на вакцината за ковид-19. На прашањето колку долго ќе трае имунизацијата доколку вакцината е успешна, Леви одговори дека би траела најмалку една година. Сепак, вели тој, се надеваат дека ќе ја усовршат вакцината, за имунизацијата да трае барем десет години.