Природата може да помогне во намалувањето на пандемијата ако продолжат агресивните мерки за контрола на ширењето на инфекциите, велат експертите, но ова не значи дека вирусот нема да се врати, пишува „Њујорк тајмс“.

Заедниците што живеат во потоплите места се чини дека имаат одредена предност во забавеното пренесување на заразата, се вели во раната анализа на научниците од Институтот за технологија во Масачусетс. Истражувачите откриле дека повеќето преноси на коронавирус се случуваат во региони со ниски температури, помеѓу 3 и 17 Целзиусови степени. 

Додека земјите со екваторска клима и оние во Јужната хемисфера, во моментов во средината на летото, пријавиле случаи на коронавирус, региони со просечна температура над 18 степени целзиусови учествуваат со помалку од шест проценти од глобалните случаи досега. 

– Каде и да се постудени температурите, бројот на заболени почнува брзо да се зголемува. Ова се забележува во Европа, иако здравствената заштита е меѓу најдобрите во светот – рече за „Њујорк тајмс“, Касим Букхари, научник од М.И.Т. кој е коавтор на студијата. 

Четирите типа на коронавирус кои предизвикуваат обична настинка секоја година, исто така, стивнуваат во потоплите временски услови, вели д-р Дебора Беркс, исто така членка на работната група за коронавирус на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Д-р Биркс, исто така, истакна дека моделот е сличен со епидемијата САРС во 2003 година. Но, таа истакна дека бидејќи избувнувањето на вирусот во Кина и во Јужна Кореја започна подоцна, тешко беше да се утврди дали новиот коронавирус ќе го има истиот тек.

Фактот дека, сепак, локалните трансмисии на коронавирусот се случуваат низ делови од југот, сигнализира дека овој вирус може да биде поотпорен на потоплите температури од грипот и другите респираторни вируси. Затоа Светската здравствена организација ги повикуваат земјите да дејствуваат итно и агресивно да се обидат да го спречат вирусот, додека бројот на случаи е релативно низок, а блиските контакти лесно можат да се следат и да се стават во карантин.

Бидејќи многу работи не се доволно познати во врска со овој вирус, никој не може да предвиди дали вирусот ќе се врати со таква жестина наесен. Од тие причини група физичари прави тестови со празни коронавирусни клетки под различни временски услови. Истражувањето, штотуку го започнаа физичари од универзитетот во Јута, е дизајнирано да им помогне на службениците во јавното здравство да разберат како ќе реагира новиот коронавирус и како тој се менува низ годишните времиња.

Едно главно прашање кое тие би сакале да го одговорат е дали вирусот ковид-19 со доаѓање на летото ќе се забави неговото ширење. Истражувачите Мајкл Вершинин и Савез Сафаријан велат дека се надеваат дека ќе откријат колку брзо се пренесува вирусот во различни услови, во летна топлина и во затворени простории со климатизирани канцеларии. Ова може да влијае на тоа колку ќе треба да се применуваат политиките за социјално растојание и заклучување.

– Ова не е вакцина. Нема да ја реши кризата, но се надевам дека ќе ги информира одлуките за политиките кои одат напред – рече Вершинин.