Илустрација: Фајненшл тајмс
Додека остатокот од светот презема драстични мерки за да го спречи ширењето на пандемијата, четворица моќници стојат настрана, постојано негирајќи ја заканата од коронавирусот, пишува „Фајненшл тајмс“.
 
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, белорускиот моќник Александар Лукашенко, туркменистанскиот автократски владетел Гурбангули Бердимухамедов и никарагванскиот диктатор Даниел Ортега одбија да го сфатат коронавирусот сериозно.
 

Оливер Штункел, професор за меѓународни односи на фондацијата „Гетулио Варгас“ ја нарече четворката „алијансата на нојот“, што се однесува на верувањето според кое големата птица ја зарива главата во земја кога се соочува со опасност.

Настрана од ризиците за нивното население, негирањето може да носи и политички ризици за четворката. Незадоволството во Никарагва тлее, додека голем број на граѓани во Бразил земаа учество во протестите против Болсонаро удирајќи по тенџериња од своите прозорци. Болсонаро предизвика незадоволство и кога го смени министерот за здравство Луиз Енрике Мандета, по меѓусебното несогласување околу мерките за социјално дистанцирање.

Белорускиот претседател тврди дека е способен да го победи ковид-19 преку позитивно размислување.

– Никој во нашата држава нема да умре од коронавирусот. Јавно го порачувам ова – кажа Лукашенко во понеделникот, кога неговото министерство за здравство веќе потврди дека има 29 смртни случаи од коронавирусот во државата.

Лукашенко кој владее со Белорусија во изминатите 26 години ја опиша глобалната пандемија како „психоза“ и одби да воведе мерки за социјално дистанцирање на популацијата од 9,5 милиони жители.

Белорусија е единствената држава во Европа каде што уште се игра националното фудбалско првенство, додека црквите ќе останат отворени и за велигденските празници. Со околу 3.000 потврдени заразени во Белорусија, Светската здравствена организација апелираше државата да воведе рестриктивни мерки за спречување на ширење на заразата.

Бразил, пак, стана првата држава во јужната хемисфера со 1.000 смртни случаи од коронавирус, а нејзиниот претседател излезе на прошетка, пркосејќи им на препораките за социјална изолација од надлежните здравствени лица. Болсонаро во повеќе наврати ги минимизираше ефектите од коронавирусот означувајќи го како „хистерија“.

Претседателот на Никарагва не беше забележан еден месец, во кој немаше јавни обраќања во врска со коронавирусот, се до средата кога во телевизиско обраќање кажа дека пандемијата е „знак од бога“ за пренамена на огромното трошење на атомски бомби во здравството.

Иако не спомна мерки, Ортега наводно нарачал околу 378 литри на средство за дезинфекција и 5.000 пара заштитни ракавици за претседателската резиденција. На почетокот на април тој и неговата сопруга Розарио Мурилјо го повикаа населението на Никарагва од 6,5 милиони да излезе на улиците за собирот наречен „Љубов во време на ковид-19“. А училиштата, продавниците и пазарите останаа отворени во Никарагва, која тврди дека има само три случаи на коронавирус, односно еден смртен случај.

Претседателот на Туркменистан, пак, тврди дека осмислил домашен метод за потполна заштита на државата од коронавирус. Методот се состои од горење на билката позната како степски седеф, за која Бердимухамедов порача дека може да ги одбие заразните болести „невидливи за голото око“.

Властите ги окадија државните институции, канцелариите, пазарите, училиштата и гробиштата со чадот од тревката, по двапати дневно, за да ги заштитат од вирусот. Иако нема докази во прилог на оваа мерка, животот во централноазиската држава со шест милиони жители се одвива по вообичаен тек. Туркменистан инсистира дека нема ниту еден случај на коронавирус во државата, иако постојат информации за барем седум случаи.