Емануел Макрон ја подготвува Франција за излез од карантинот кон средината на мај по неколкумесечна борба против коронавирусот, пишува „Политико“. Францускиот претседател најави продолжување на мерките за забрана за движење до 11 мај, но посочи и дека тие постепено ќе олабавуваат.

Забележлива беше промената на реториката на Макрон во однос на претходните говори во кои му објави „војна“ на вирусот изразувајќи уверувања за појавување на „надеж“, додека јавната доверба во владината способност за ефективен одговор на кризата се намалуваше (од 55 отсто на 20 март, на 38 отсто на 9 април).

Францускиот претседател покажа и повеќе скромност од вообичаено, во неговото четврто обраќање во изминатите 30 дена. Тој призна дека уште нема одговори за тоа што следува, како и дека властите не одговориле на клучните прашања за маските и заштитна опрема на начинот на кој се надевале.

– Дали бевме подготвени за кризата? Очигледно, не бевме. Ситуацијата, да бидеме искрени, откри грешки и пропусти – категоричен беше Макрон.

Најавеното олеснување на мерките ќе почне од градинките и активната работна сила, а нема да се однесува на најранливите – повозрасните и забавната индустрија. Кафулињата, рестораните, кината и театрите ќе бидат затворени, а фестивалите, концертите и другите масовни собири ќе бидат поместени барем до средината на јули.

– Епидемијата уште не е под контрола – порача Макрон.

Во Франција досега има безмалку 100 илјади заразени и скоро 15 илјади смртни случаи од коронавирус, но охрабрувачки знак е што опаѓа бројот на примените случаи на интензивна нега.