Додека целиот свет е во хаос поради коронавирусот, а болниците се справуваат со недостаток на медицинска опрема, некои од земјите на поранешниот Советски Сојуз го продолжуваат животот нормално, а нивните лидери препорачуваат необични лекови против глобалната пандемија, пренесува Си-ен-ен.

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, за време на пандемијата им рече на граѓаните дека пиењето вотка, играњето хокеј и одење на бања е лек против вирусот. Тој не воведе строги мерки и рестрикции за движење. Рестораните и кафулињата се отворени, а спортските настани се одржуваат во земјата, спротивно на препораките на Светската здравствена организација. А белоруската Премиер-лига е единственото фудбалско натпреварување што се одржува во Европа.

Дури и самиот Лукашенко не го намалува неговото присуство во јавноста. Тој се појави на хокеј меч во саботата. 

– Подобро смрт на нозе отколку живот на колена. Нема ништо подобро од спортување, а мразот е вистинскиот лек против вирусот – изјави за националната телевизија Лукашенко, облечен во опрема за хокеј. 

Тој исто така изјави дека сите треба да пијат вотка за да го „удават“ вирусот, или пак, да се релаксираат во бања.

– Вирусите, вклучувајќи го и ковид-19, не сакаат висока температура од 60 Целзиусови степени, велат експеритите. Откако ќе излезете од бањата, измијте ги рацете и напијте се чаша вотка – изјави Лукашенко. 

Експертите тврдат дека нема јасни докази што укажуваат дека коронавирусот може да биде контролиран од високи температури.

Белорусија со 9,5 милиони жители има 94 потврдени случаи на коронавирус, но постои сомнеж дека овие бројки се поголеми додека земјата се подготвува за претседателските избори подоцна годинава. Границите не се затворени, иако сите нејзини соседи го сторија тоа. Работниците исто така продолжуваат со работа, а Лукашенко бил инспириран од говор на американскиот претседател Доналд Трамп. 

– Трамп изјави дека доколку производството запре, поголем дел од настраданите за време на пандемијава ќе бидат Американци кои ја загубиле работата, отколку што починале од вирусот. Затоа не ги затвораме фабриките – објаснува Лукашенко. 

Одредени пост-советски земји во централна Азија, како што е Таџикистан, исто така избраа да го игнорираат коронавирусот. Сепак, претседателот Емомали Рахмон ги затвори границите на 19 март.