Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, синоќа изјави дека никој нема да умре од коронавирус во таа земја и уште еднаш ја отфрли потребата за строги мерки какви што донесоа повеќето земји за спречување на ширењето на пандемијата.

За разлика од скоро сите други европски земји, Белорусија не ги затвори своите граници и дозволи да започне фудбалскиот шампионат, со навивачи на стадионите.

– Најдовме комбинација на лекови која може да спаси луѓе. Во оваа земја, никој нема да умре од коронавирус и јас јавно го објавувам тоа – рече Лукашенко.

Во исто време, Министерството за здравство соопшти дека во земјата се пријавени 2.919 случаи и 29 смртни случаи, но Лукашенко вели дека сите смртни случаи се случиле кај пациенти кои имале срцева болест или дијабетес.

– Поради ова, можам да кажам дека никој не починал од коронавирус – рече Лукашенко.

Неговите коментари доаѓаат откако Светската здравствена организација во саботата објави дека Белорусија треба да воведе нови мерки за борба против пандемијата, која влегува во загрижувачка фаза во земјата.