Биометриските алки ќе ги следат виталните знаци за да откријат рани индикатори на инфекција. Лихтенштајн досега забележа 80 случаи на заразени

Кнежевството Лихтенштајн користи програма со биометриски алки за следење на своите жители, во рамки на екстремниот обид за воочување на потенцијални случаи на ковид-19 во реално време, пренесува „Фајненшл тајмс“.

На секој 20-ти жител на Лихтенштајн ќе му бидат понудени алки што ќе испраќаат податоци за виталните знаци, вклучувајќи ги податоците за температурата на кожата, дишењето и за пулсот, на лабораторија во Швајцарија за анализа.

Во втората фаза што ќе почне наесен, алките ќе бидат понудени на целата популација, според министерот за социјални прашања Мауро Педрацини.

Ваквата програма наменета за 38-те илјади државјани на Лихтенштајн, претставува значајно отстапување од глобалните напори за следење на ширењето на заразата.

Извесно е и дека програмата ќе предизвика дополнителни контроверзи на Западот околу етичките ограничувања помеѓу јавното здравје и личните податоци, додека властите итаат да соберат информации за здравјето на населението.

Во богатата алпска држава засега се забележани 80 случаи на коронавирус, но владата агресивно воведе превентивни мерки за да ги спречи идните инфекции и за да го тестира населението.

Надлежните служби предвидуваат појава на втор бран на инфекции наесен, па се надеваат дека со податоците собрани од првата група преку 2.000 алки ќе им овозможат да развијат алгоритми за забележување на случаи на заразени уште пред појавата на симптомите. Втората тура на алки треба да овозможи побрзо контактирање, тестирање, како и изолација на позитивните случаи.