Знам што мислите. Како 5Г стигна од делумно корисна нова технологија до луд интернет-заговор? Зошто британските столбови за мобилна телефонија се вандализирани од луѓе кои ги обвинуваат за ширење на коронавирусот? Дозволете ми да објаснам, пишува Хенри Манс во неговата сатирична колумна насловена „Кој ја рашири теоријата на заговор „корона-5Г“? Не бев јас“ за „Фајненшл тајмс“.

Настрана од мојата постојана работа во „Фајненшл тајмс“, работев и на прашањата за бенефитите од 5Г-технологијата. И немав идеја дека ќе бидам толку успешен.

Почнав во 90-те години кога поминав покрај графит што ја поврзуваше популарноста на електричните виткачи за коса и порастот на повреди на вкрстени лигаменти. Веднаш бев заинтересиран. Какви други објаснувања постојат? Дали во викторијанска Англија имале виткачи за коса? Не. Дали некои викторијански фудбалери го пропуштиле светското првенство поради повреди на вкрстените лигаменти? Исто така не.

Корелацијата е причина. Универзитетите веќе не го учат тоа, поради промена на моделот на нивното финансирање. Кога го покренав прашањето за виткачите за коса меѓу жените, нивните лица пребледеа и тие се повлекоа. Знаев дека има нешто тука. Но кога се вратив до графитот, врз него имаше реклама за концерт. Беше прекриен.

За среќа го запознав Боб4357. Тој ме уверува оти тоа е неговото вистинско име и дека потекнува од големо семејство.

– Новите технологии се исклучително опасни – ми кажа кога првпат го запознав на социјалната мрежа Редит.

Тој го сознал ова уште откако проголтал усб-уред додека пиел на конференција за скиентологија. Знаев дека задоцнивме да ги сопреме виткачите за коса и усб-уредите. Па така се насочивме кон нови технологии како што се соларните панели и малите пластични фенови што луѓето ги носат за време на топлотни бранови. Ги бомбардиравме интернет-форумите додека корисниците не ја добија пораката. Смртта на мини-диск плеерите? За тоа бевме заслужни ние.

Потоа налетавме на мајански ракопис со два симбола – Г и опасност. Знаев дека тоа значи 3Г, 4Г Ворен Џи (американски рапер – н.з.), а особено Кени Џи (американски саксофонист – н.з.) и дека сите тие се многу опасни. Само уште не знаев на каков начин.

Искрено, се мачевме додека не се појави коронавирусот. Но пандемијата јасно беше она на што Маите мислеа. Знаевме дека проверувачите на факти ќе се обидат да не замолкнат. Затоа осмисливме тајна фраза за да се распознаваме – „не сум експерт за вируси, но“.

Некои истражувачки новинари од руската телевизија Раша тудеј нѐ контактираа велејќи дека ниту тие не се експерти за вируси. „5Г би можела да им овозможи на странските хакери пристап до американските домови“ им кажав јас. А тие одговорија „но таа технологија е главно лоша“.

Најстрашната работа во врска со 5Г е што нема вакцина. А дури и да имаше, јас сигурно немаше да ја примам. Особено бидејќи уште закрепнувам од сипаници.

Раша тудеј објави видеа за нашата кампања на Јутуб, што ми беше чудно бидејќи зарем Јутуб не е нова технологија што се потпира на 5Г. Работата тргна. Се вклучија и славните – Вуди Харелсон, Џон Кјузак и типот од ирскиот поп-бенд Корс. Не знаев дека тој е типот од Корс, му кажав на Боб4357.

Очекувам победа во оваа кампања за да можеме да преминеме на други прашања како што се оние дека британската влада поставила водомери за да зема примероци од нашата урина. Не сме сигурни кои лесноверни славни личности ќе ни помогнат да ја рашириме пораката, но запомнете дека „Изборот на Доналд Трамп“ (реално шоу во кое главната улога ја имаше Доналд Трамп – н.з.) сега е во 15-та сезона, па нема да имаме недостиг тука.

Отсекогаш верував дека седуммина луѓе управуваат со светот. Сега сум горд што јас и Боб4357 сме едни од нив.