Постојат повеќе различни теории зошто коронавирусот предизвика помалку страдање во Португалија отколку во соседната Шпанија. Најтешко беше да се побие следното тврдење „ние ја имаме Фатима. Шпанија нема ништо слично“, пишува „Шпигел“.

Тврдењето се однесува на познатото место за аџилак Фатима, кое се наоѓа помеѓу Лисабон и Коимбра. Се верува дека во 1917 година, Дева Марија се појавила пред три момчиња овчари во повеќе наврати, поверувајќи им тајни, наводно, вклучувајќи го и обидот за атентат врз папата Јован Павле Втори во 1981 година.

– Кога пријател ми кажа за оваа теорија, сфатив колкава штета вирусот веќе причини на умовите на луѓето – вели Антонио де Соуза Мендеш, пензионер со богата семејна историја.

Како конзул во француски Бордо, неговиот татко спасил илјадници луѓе од нацистите и го организирал нивното бегство преку Шпанија до Лисабон.

– За мене тоа е потсетување на 1940 година. Големиот број на смртни случаи во Шпанија долж границата – вели Мендеш.

Единствената разлика е што сега телата чекаат во мобилни домови наместо во запрежни коли, како кога Португалија беше последно одредиште за многумина Европејци кои бегаа од надоаѓањето на германската армија.

Знаејќи дека историјата помага во сфаќањето на одлуката на португалската влада, која единствена во Европа дозволи пристап до здравствениот систем за сите мигранти и бегалци, чии барања за азил уште не се решени.

Стравот од сличен развој на настаните како во Шпанија ја наведе Португалија рано да усвои превентивни мерки. На почетокот на март, претседателот Марсело Ребело де Соуза беше првиот лидер на една држава кој самоиницијативно отиде во карантин. За среќа, стануваше збор за лажна тревога, но послужи како предупредување. Синџирите супермаркети во Португалија почнаа да дозволуваат влез на мали групи на муштерии истовремено. Купувачите беа изненадувачки дисциплинирани, а како што доаѓаа лошите вести од Мадрид, Барселона и од Милано, растојанието помеѓу луѓето во редиците се зголемуваше.

До денеска Португалија има 15.472 заболени, 233 излекувани и 435 починати од коронавирус. Со популација од 10 милиони, тоа воопшто не е лошо. И покрај тоа што Португалија има 6,4 кревети во интензивна нега на секои 100 илјади жители во просек, наспроти германскиот просек од 33,9 кревети, стапката на смртност меѓу нејзините заразени од коронавирус изнесува 2,7 отсто.

За споредба, стапката на смртност во шпанија изнесува 9,8 отсто – со десетпати поголем број на заразени. Резултат на сево ова е што бројот на смртни случаи во Шпанија е безмалку 40 пати повисок отколку во Португалија. Секој нов статистички податок од универзитетот „Џонс Хопкинс“ претставува нова потврда дека одговорот на Лисабон на пандемијата е подобар од оној на неговиот поголем брат Мадрид.

Самодисциплината, раната реакција од јавните институции и географската положба на државата на работ на Европа, можеби се примарни причини за релативно благото ширење на заразата во Поргугалија досега. Згора, немаше неодамнешни масовни собири, како на пример, демонстрациите на 8 март во Мадрид. Исто така, контрастно во однос на Шпанија и на Италија, повозрасните во Португалија главно се вакцинирани против туберкулоза. Неодамнешна студија откри можна поврзаност меѓу државите каде што таа вакцина е задолжителна и пониската стапка на смртност од ковид-19.

Откако Португалија прогласи вонредна состојба на 18 март, Лисабон е непрепознатлив, односно повторно може да се смета за посебно место. Исчезнаа авто-рикшите, како и пијаните туристи на плоштадот „Росио“. Затворени се продавниците на сувенири, отсутни се крузерите, а се проретчија и туристичките групи. Авионските летови се ретка појава, а три четвртини од рестораните и хотелите во Португалија се затворени. Повеќето воздушни и поморски врски кон Мадеира Aзорските Острови се откажани, а повеќето копнени гранични премини кон Шпанија исто така се затворени.

Постои можност португалските училишта повторно да бидат отворени на 13 мај, на годишнината од појавувањето на Дева Марија во Фатима. На денот на чудата. Никогаш не се знае.