Околу 50 лица присуствувале на забава овој месец во богатото гратче Вестпорт откаде што потоа се упатиле во регионот и во светот заедно со коронавирусот

Автори: Елизабет Вилијамсон и Кристин Хаси

Њујорк тајмс

Околу 50-тина гости биле собрани на 5 март во една куќа во раскошното гратче Вестпорт во Конектикат, за да го одбележат 40-тиот роденден на домаќинката и воедно да ги обноват старите пријателства, а имало и посетител од Јужна Африка. На седенката се разменувале спомени, се јадело од шведска маса и на ничие знаење се ширел коронавирусот. Потоа сите си заминале по својот пат.

Вечерната седенка во Вестпорт, која се смета за почеток на ширењето на заразата во југозападен Конектикат и пошироко, е приказна за тоа како во златната ера на парите, општествената поврзаност и воздушниот сообраќај, пандемија се шири со брзина на светлината. Посетителите на забавата, од кои повеќе од половина сега се заразени, заминале истата вечер за Јоханесбург, Њујорк, други делови од Конектикат и САД, притоа ширејќи ја заразата со себе.

Вестпорт, град со 28.000 жители во теснецот Лонг Ајленд, немаше регистрирано ниту еден случај на коронавирус на денот на забавата. Во понеделникот имаше 85 случаи што е зголемување за четириесет пати во рок од 11 дена. На прес-конференцијата одржана во понеделникот попладне, гувернерот на Конектикат, Нед Ламонт, изјави дека во сојузната држава биле заразени 415 лица од кои 327 во неделата вечерта, а починати се десет. Вестпорт, со помалку од еден отсто од населението во државата, сега сочинува една петтина од инфекциите на ковид-19 со 85 случаи. Округот Ферфилд каде што се наоѓа Веспорт, има 270 регистрирани случаи што претставува 65 отсто од вкупниот број во државата.

Гувернерот побара од федералните власт болнички капацитети и заштитна опрема и притоа апелирал до нив да мислат повеќе на кризните жаришта. Науката не може во целост да ги поврзе зголемените бројки со Њујорк, кој има половина од заразените со коронавирус во САД.

– Дел од првичните случаи во северна Италија се поврзуваа со малите градови, а луѓето мислеа дека ќе се задржи таму. Но потоа одеднаш се појавија случаи на миланската модна ревија и потоа се раширија во други држави. Вирусот секогаш се шири еден чекор пред вас – изјави д-р Вилијам Ханиџ, професор по епидемиологија на Харвард.

Бизнисмен (43) од Јоханесбург, кој присуствувал на забавата, се разболел во текот на летот назад, ширејќи го вирусот не само во земјата, туку веројатно и меѓу сопатниците. Посетителите на забавата се вратиле на работните места во Њујорк, децата оделе на училиште и во градинка, како и на вонучилишни спортски активности. На 8 март, Џули Ендич, три дена по забавата, развила симптоми што укажувале на ковид-19, но по дури четири дена потребни за тестирање добила позитивни резултати. Истиот ден бил одржан форум за коронавирусот во тамошната библиотека, а здравствените работници тогаш биле премногу самоуверени.

Три дена подоцна, на 11 март, властите биле известени за инфекцијата на јужноафриканскиот бизнисмен кој бил на забавата. Потоа тие веднаш го спровеле планот за пандемија и ги контактирале сите лица поврзани со забавата, од кои повеќето имале деца. По само неколку часа во Вестпорт беа затворени сите училишта и повеќето јавни институции. Џим Марп, градоначалникот на Вестпорт, свика итна прес-конференција.

Потоа нагло се искачи бројот на заболени во округот Ферфилд. На 16 март, гувернерот Ламонт ги затвори рестораните и јавните објекти. Дури и во доброорганизиран и богат град, на властите им било тешко да ги следат сите контакти од забавата, кои понатаму комуницирале со други лица.

– Тие сметаат дека најмалку 100 пати повеќе луѓе се заразени отколку што покажуваат тестовите. Сите пазарат во истите четири продавници – во саботата изјави Арпад Кризан, сопственик на консултантска фирма во Вестпорт и тамошен жител.

Градот одеднаш беше полн со грижи, гласини и меѓусебни обвинувања. Политичките лидери добиваа стотици електронски пораки и телефонски повици од преплашени жители дека нивните семејства и деца биле изложени на вирусот и барале одговори за одговорните лица. Кружеа гласини дека некои од жителите лажеле оти присуствувале на забавата само за да се тестираат за ковид-19.

Властите не сакаа да ги соопштат имињата на домаќините и гостите, повикувајќи се на законите. Како што се шири заразата, многу жители молчат од страв да не бидат избегнувани од соседите и дека нивните деца ќе бидат исклучени од вонучилишните активности или училишни настани. Само две лица од забавата, Џули Ендич и Шерил Чатер ги обелоденија доброволно нивните имиња. Првиот регистриран заболен гостин од Јоханесбург изјави дека целосно оздравел и дека планирал рекреативно да трча.

– Не верувам дека повеќе јас сум проблемот. Вистинскиот проблем е кај луѓето кои се плашат да зборуваат. Проблемот е во неинформираноста на јавноста – изјавил тој за „Сандеј тајмс“.

Превод: Билјана Здравковска