Њујорк тајмс

Во нормални услови, Патрик Ву, студент од провинцијата Анхуи на истокот од Кина, не се осудува да дебатира за политика со своите родители. Ву, кој е при крај со студиите на универзитет во Пекинг, е самопрогласен скептик за кинеската влада, а неговите родители се функционери во локалната власт.

Но изминативе неколку месеци ништо не беше нормално. Ву постојано размислуваше за епидемијата на коронавирусот и нејзините политички последици. Откако се врати во родниот град во јануари за кинеската Нова година, тој со месеци остана заглавен таму. Но во изминатите неколку недели, Ву редовно дебатираше за политика за време на ручекот со единствените две лица кои му беше дозволено лично да ги гледа, правејќи ја можеби главната грешка во долгата изолација.

– На Интернет може да разговарате со пријателите дури 12 часа, но постојано сте гневни 24 часа секој ден. Понекогаш не можете да го контролирате гневот – вели тој.

Семејните расправии не се ништо ново, но се особено чести во Кина каде што несогласувањата не само што ја расипуваат вечерата, туку имаат и сериозни последици. Искуството на Ву покажува колку длабоко епидемијата го потресе кинеското општество, навлезе во домовите далеку од епицентарот на вирусот и предизвика сомнежи дури и меѓу типичните владини поддржувачи.

Во екот на карантинот, Ву имал дозвола да излегува надвор еднаш на секои два дена. Заглавен и нервозен во домот заедно со родителите, им покажувал цензурирани слики од болниците во Вухан и извештаи од кинеските медиуми кои следеа како владата презема сериозни мерки против таканаречените „свиркачи“.

Скептични беа неговите родители кои се во нивните доцни 40-ти години. Неговата мајка е силна поддржувачка на владејачката Комунистичка партија. Поради различните ставови, секоја вечера завршувала со жестоки кавги, а ниеден од нив не смеел да го напушти домот.

Ву не се вратил дома со цел да им ги промени ставовите на домашните. И покрај идеолошките разлики, тој е близок со родителите. Првпат разговарале за новата мистериозна болест во централна Кина по телефон на почетокот од јануари, пред тој да се врати во Анхуи. Неговите родители не сметале дека таа е сериозна и не верувале, но постепено го прифатиле фактот дека епидемијата била неизбежна.

Откако се увериле во сериозноста, неговата мајка не сакала да прифати дека кинеските власти првично сакале да ја прикријат состојбата и се прашувала како сè толку брзо се проширило. Постепено таа почнала да попушта, откако на Интернет се ширеле вести за вирусот многу побрзо од цензурата на власта. Бесот и очајот влегол во нивниот дом преку социјалните медиуми, а кога докторот кој ја обелодени епидемијата, Ли Венлианг, почина од коронавирусот и предизвика силен гнев на Интернет токму поради цензурата, тогаш мајката на Ву беше таа која му ги соопштуваше вестите.

Сепак, Ву е реален за промените што се случија во ставовите на неговите родители. Сега и татко му избегнува политички дискусии. Во изминатите неколку недели, додека кинеската влада почна да ја става епидемијата под контрола, мајка му повеќе не е толку загрижена за тоа како владата постапувала на почетокот од кризата.

Превод: Билјана Здравковска