Додека бројот на смртни случаи на коронавирус продолжува да се зголемува во Италија, во малото гратче Ферара Ербононе никој не е заразен со коронавирус.

Гратчето има околу 1.100 жители, се наоѓа во Ломбардија, епицентарот на италијанската криза со коронавирус.

– Ние сме горди и среќни што имаме ваква ситуација, но не можам да кажам дека не се плашиме затоа што луѓето умираат во градот до нас – вели локалната продавачка Мери Де Лука.

Сè уште не е јасно зошто градот, на 50 километри југозападно од Милано, е целосно поштеден од коронавирусот.

– Бевме многу внимателни од првиот ден. Нашите клиенти од почетокот на појавата носат маски и ракавици – вели Де Лука, сопственичка на самопослуга.

Таа ги пофали локалните власти и локалната цивилна заштита за навременото информирање на јавноста и распределбата на заштитни маски.