Хосеин Салами

Иранската Револуционерна гарда тврди дека создала уред што може да го открие присуството на коронавирус на растојание од 100 метри, пишува Патрик Винтур, дипломатскиот уредник на „Гардијан“.

Гардата која е предмет на интензивни санкции на САД откако Вашингтон ја смета за извор на нестабилност на Блискиот Исток, го претстави уредот неделава на церемонијата организирана од нејзиниот командант, генерал-мајор Хосеин Салами.

Уредот „создава магнетно поле и со употреба на вметнат биполарен вирус, може да открие секое заразено подрачје во радиус од 100 метри“, соопшти Гардата, додавајќи дека овој процес трае помалку од пет секунди.

– Овој уред не бара трансфузија на крв и работи од далечина и интелигентно, односно се користи за масовно скренирање и целосно ги открива заразените површини и луѓето исто така – кажал Салами.

Тој рече дека ќе дејствува и како паметно средство за дезинфикација, бидејќи ќе знае кои области имаат потреба од дезинфикација.

– Овој неверојатен научен феномен, тестиран е во повеќе болници, одговарајќи со точност од над 80 отсто, и ќе биде многу добра основа за секаков вид вирус – посочи Салами.

Треба да се истакне дека откривањето на уредот доведе и до одреден степен на скептицизам на социјалните медиуми, при што некои Иранци регирале дека не знаеле дали да се смеат или да плачат.

Исто така, Бабак Шокри, заменик канцелар во бордот на Универзитетот за медицински науки „Шахид Бехешти“ тврди дека Иран ќе може да пласира ткаенина отпорна на коронавирус во рок од еден месец.