Тимоти Спрингер (72), професор по медицина на унверзитетот „Харвард“ мислеше дека неговото богатство е прекумерно дури и пред да стане милијардер, пренесува „Блумберг“. 

– Имав повеќе од доволно пари за себе. Мислам дека не ми беше потребно да имам повеќе – изјави Спрингер во интервју во 2018 година. 

Неговото богатство сега е многу поголемо, благодарение на неговиот удел во „Модерна Инкорпорејтед“, американска фирма за биотехнологија која се обидува да најде вакцина за новиот коронавирус ковид-19. 

Според индексот за милијардери на Блумберг, акциите на компанијата со седиште во Масачусетс, пораснаа за 152 отсто годинава, зголемувајќи го неговото богатство за повеќе од една милијарда долари. 

Спрингер оствари големи профити за време на пандемијата која ја закочи светската економија, и остави без работа повеќе од 20 милиони луѓе во Северна Америка.
Тој е еден од најбогатите академици во САД, кој заработи околу 100 милиони долари откако неговиот потфат беше купен од „Милениум Фармасетикалс“ во 1999 година. Тој инвестираше пет милиони долари во „Модерна“, која сега вреди повеќе од 800 милиони долари.

Вакцината „мРНА1273“ на „Модерна“ е една од првите кои ќе бидат тестирани на луѓе заболени од ковид-19. Американското министерство за здравство одобри 400 милиони долари минатата недела за компанијата да го развие продуктот. Вакцината може да влезе во последната фаза на крајот од годинава, доколку пробниот третман е успешен. На светско ниво постојат 70 вакцини во различни фази на развој, соопшти Светската здравствена организација.