Италијанските власти се обидуваат да ги задржат граѓаните во нивните домови

Затворени во своите домови повеќе од една недела, дел од Италијанците стануваат неспокојни. Повеќе од 53 илјади луѓе веќе беа казнети поради непочитување на мерките, додека владата со сите сили се обидува да ги убеди да останат дома, пишува „Локал Италија“. Оние што излегуваат без потреба се соочуваат со казна од 206 евра до три месеци во затвор.

Меѓу мерките што ги спроведуваат италијанските власти спаѓат блокадите на патиштата и полициските контроли на улиците. Полицијата е насекаде и спроведува десетици илијади проверки дневно за да се осигури дека оние што излегуваат од своите домови имаат оправдани приини. Бројот на проверки постојано се зголемува и надмина 200 илјади во четвртокот.

Слоганот „Јас останувам дома“ може да се забележи насекаде. Во медиумите, на социјалните мрежи, на билборди, реклами, а во кампањата за промовирање се вклучија и голем број на јавни личности.

Одредени општини одлучија да користат дронови за да ги забележат оние кои излегле на прошетка.

– Гледам толку многу луѓе кои не ги политуваат мерките. Околу општината има околина од 25 километри што не можеме да ја патролираме – се пожали градоначалникот на Конелјано.

Голем број на општини го забранија пристапот до зелените површини, со што затворени се парковите во Милано, Неапол и во Рим. Во други градови, како на пример во Падова, забранети се и прошетките.

– Луѓето се сончаат, шетаат со пријателите. Или ќе разбереме дека треба самите да се контролираме, или армијата ќе треба да интервенира. Бидејќи треба да ја сопреме оваа пандемија – напиша градоначалничката на Рим Вирџинија Раџи на Фејсбук.

Според италијанските медиуми, владата сериозно ја разгледува можноста за користење на војската за ограничување на движењето. „Кориере дела сера“ извести дека властите ја разгледуваат можноста за вклучување на 17 илјади војници кои треба да помогнат за луѓето да останат дома. Тоа би било засилување во однос на седумте илјади војници кои веќе патролираат во осетливите области. Во Ломбардија беа испратени 114 војници по што властите се пожалија дека се потребни барем уште 10 илјади припадници на воените сили.