Д-р Константин Дан Малин се надева дека мерките за заштита ќе ја ублажат состојбата во Канада/Фото: Жолен Георгиевска

Д-р Константин Дан Малин за пандемијата на ковид-19 во Канада

Македонецот Константин Дан Малин, од 1976 година живее и работи во Онтарио, Канада, како лекар по општа медицина и е претседател претседател на канадско-македонската асоцијација на професионални здравствени работници. Тој се надева дека мерките за заштита на јавното здравје на населението во оваа држава ќе ја ублажат состојбата и ќе овозможат таа да не се претвори во втора Италија или Шпанија

Автор: Жолен Георгиевска

Д-р Константин Дан Малин, по потекло Македонец, од 1976 година живее и работи во Онтарио, Канада, како лекар по општа медицина и е претседател на канадско-македонската асоцијација на професионални здравствени работници. Со овој посветен и почитуван лекар, кој се грижи успешно за здравјето на стотици пациенти, поразговаравме за актулената состојба со пандемијата на коронавирусот во оваа држава и начините на кои Канада се справува со глобалниот проблем.

Што ги советувате вашите пациенти, но и сите луѓе, како да се намали ширењето на опасниот вирус ковид-19. Дали изолацијата засега е единствениот начин да се спречи неговото ширење?

– Изолирање на лицата со симптоми најмалку 14 дена и социјално растојание за сите други е единствениот метод што засега го имаме за контролирање на ширењето на вирусот. Секако, треба да се избегнуваат непотребни патувања, правилно и често да се мијат рацете, да се употребуваат алкохолни гелови со најмалку 60 проценти алкохол, како и избегнување на допирање на лицето. Дезинфекција на површините во домот и на работното место со алкохол, водород пероксид или разредени производи за белење, исто така ќе помогнат да се спречи ширењето. Маските се добри, но не се сите професионални и добро направени, со што се намалува заштитната улога. Ракавиците може да бидат корисни, но треба да ги користите внимателно и да не дозволите нивната употреба да ви даде лажно чувство на сигурност.

Колкав е капацитетот во болниците во Онтарио во овој момент, дали ги задоволува потребите?

Јас сум во внатрешноста, во Оринџвил и во Гранд Валеј, така што немам директни сознанија за тоа што се случува во градот. Кај нас локално примивме неколку лица заразени од коронавирусот. Некои се ставени на апарати за дишење, но ситуацијата многу брзо се менува. Според моите сознанија здравствените работници во Торонто добро се справуваат со кризата, но бројките постојано растат и се поочигледни се ограничените медицински ресурси. Сè уште не сме го постигнале максимумот на заразени и се надеваме дека мерките за заштита на јавното здравје на населението ќе ја ублажат состојбата и ќе овозможат да се справиме со заразата без да се претвориме во втора Италија или Шпанија.

Дали вие периодов директно прегледувате пациенти или им давате совети и рецепти преку телефон?

Повеќето матични лекари периодов работат преку телефон или преку Интернет, со помош на владината програма, со цел да се поврзат докторите и пациентите на безбеден начин. Луѓето можат да користат видео за да покажат осип, на пример. Јас имав пациенти, кои со електронски средства ми ги покажуваа промените во грлото. Се разбира, овие таканаречени прегледи не се ефикасни како оние во директен контакт со пациентот, но повеќето работи можат да се решат на тој начин. Дневно гледам еден или двајца пациенти во ординација, но тоа е многу бавен процес. Луѓето чекаат во своите автомобили додека не ги повикаме. Ние дозволуваме само едно лице да биде во просториите на амбулантата. Со нашата лична заштитна опрема, мора на тој начин да се заштиме и себе си и пациентите, затоа што мора да ја дезинфицираме просторијата откако ќе заминат, а со смаото тоа се забавува и ритамот на прием. Несуштинските медицински услуги, како што се изборните операции се одложуваат.

Дали сте дијагностицирале болен од коронавирус?

– И јас, како и голем број мои колеги, помагам во локалната клиника за скрининг на ковид-19. Го третираме секој со препознатливите симптоми. Минатата недела повеќето пациенти не беа заразени со вирусот, но во изминативе денови е забалежлив поголем процент на инфицирани, а испратив неколкумина и на одделот за итни случаи. За жал, можеме да тестираме само мал број луѓе кои сакаат да се проверат, затоа што нашите резерви со тестови за кронавирусот се ограничени.

Имате ли сознанија за некој нов медидицнски третман или лек што би помогнал во сузбивањето на коронавирусот?

– Сè уште не е познат докажан третман или профилакса на лекови, но во повеќе медицински центри во Канада, како и во целиот свет се работи на тоа. Да се надеваме дека наскоро ќе стигнат убави вести и ќе се најде лек, поточно вакцина против овој невидлив, но смртоносен непријател, кој го нападна целото човештво.