Елад Маор/Фото: Принт-скрин

Случајот во Израел дава надеж за улогата на вакцинацијата

Кардиологот Елад Маор првично стравувал дека можеби изложил стотици луѓе на коронавирусот кога во саботата станал првиот Израелец заразен со омикрон-видот, пишува „Њујорк тајмс“. Три дена пред позитивниот тест, д-р Маор присуствувал на голем состанок со персоналот на болница во близина на Тел Авив. Тој извршил и операции на 10 пациенти. А посетил и конференција за кардиологија, во пресрет на која имал ручек со петмина колеги во преполно бифе. Згора, Маор посетил и пијано-рецитал на неговата 13 годишна ќерка, на кој присутвувале десетици луѓе, по што имал и заедничка вечера со десетмина членови на семејството.

Од сите луѓе со кои Маор бил во контакт, од кои повеќето примиле три дози од вакцината на „Фајзер“, по пет дена бил забележан само еден случај на заразен со омикрон, кај негов 70-годишен колега.

Се смета дека тој број би можел да се зголеми бидејќи можат да бидат потребни и неколку денови за вирусот да биде забележан при тестирањата. Но досега биле тестрирани барем 50 колеги на д-р Маор, од кои најмалку десетмина имале три теста.

Првичните резултати ги наведоа експертите за заразни болести во болницата да се надеваат дека имунизираните со три дози се помалку подложни на омикрон-видот отколку што се стравува.

– Важно е да не се извлекуваат преголеми заклучоци од изолирани случаи, но ова ни кажува, дека во одредени случаи, омикрон не е толку заразен, ако сте вакцинирани. А мислам дека тоа е значајно – вели Гили Регев-Јочај, директорка на епидемиолошкото одделение за инфективни болести во болницата „Шиба“, каде што работи и д-р Маор.

Д-р Маор бил силно погоден од вирусот, наспроти примените три дози вакцина, и покрај тоа што е непушач без хронични заболувања, но тој ја истакнува имунизацијата како олеснителна околност.

– И покрај се, наспроти вакцините и бустер-дозата, 48 часа бев во кревет. Ако не ја примев вакцината, веројатно ќе завршев во болница – истакна Маор во интервју за медиумите.

За Регев-Јочај, искуството на нејзиниот колега ја нагласува потребата за редовно тестирање на патниците кои доаѓаат од странство и за нивно избегнување на големи метежи во деновите по пристигнувањето од држави со високи стапки на зараза.