Докторката од Куманово, Гордана Николиќ, која пред повеќе од еден месец на нејзиниот профил на фејсбук напиша дека има коронавирус, денеска соопшти дека веќе и на вториот брис е негативна на ковид-19.

Таа првиот негативен брис на ковид-19 го добила на 3 мај, а денеска и вториот. Во меѓувреме, на сите тестови за ковид-19, резултатот бил позитивен.

– И конечно и вториот брис е негативен! 44 дена поминаа од 23 март, до денес. Денес е 05.05….и конечно успеав да се ослободам од вирусот ковид-19. Мора да биле во голем број вирусите, мора да биле лоши, затоа што ми ги нападнаа белите дробови, но за „cреќа“ успеав да поминам „само со пневмонија“. Среќа во несреќа, затоа што вирусот е една голема непознаница и за оние кои го истражуваат. Сега ќе можам да излезам слободно да подишам чист воздух затоа што не може на тераса да се пешачи, а е потребно за комплетно заздравување на белите дробови – напиша докторката на фејсбук.

Таа им се заблагодари на сите лекари, сестри и останати здравствени работници кои и помогнале во нејзината борба со вирусот. Благодарна е и на нејзините роднини и пријатели кои и испраќале храна и цвеќиња.

– Благодарам до моето пошироко семејство и особено на потесното, на сестра ми која го понесе најголемиот товар и на син ми кој ми беше и најсилниот мотив да се изборам во оваа битка – напиша докторката.

Таа во изминатите недели редовно ги информираше нејзините следбеници на фејсбук за нејзината состојба и за тоа како ги минува деновите во изолација.