Калум О'Дајер

Дванаесет недели по појавување на првите симптоми на ковид-19, 28-годишниот Калум О’Дајер од Шкотска сѐ уште не се чувствува добро. Претходно здрав и во добра физичка форма, тој немал никакви здравствени проблеми пред да заболи од вирусот. О’Дајер заболел на 23 март, дента кога Шкотска ги објавила рестриктивните мерки за изолација, пренесува Би-би-си. 

– Од ден во ден, се појавуваа сѐ повеќе симптоми. Заморот и треската дојдоа одненадеж  и ме погодија силно. Првите десет дена во постела се чувствував навистина лошо и мислев дека имам грип. Но, претчувствував дека станува збор за коронавирусот – вели О’Двајер.

Тој исто така честопати останувал без здив, а во два наврати морал да повика брза помош бидејќи не можел да дише. Две недели подоцна, симптомите полека поминале, но немањето здив, заморот и истоштеноста останале. Докторите му рекле дека влегол во пост-вирусната фаза на закрепнувањето и страда од пост-вирусен замор, кој всушност се појавува кај голем број заболени од вирусот.

– Дневно одмарав од шест до осум часа. Имав потешкотии да кренам навистина лесни предмети. Дури и шише од еден литар ми престставуваше предизвик, толку бев истоштен – објаснува О’Двајер. 

Потоа, по петтата недела од заразувањето, тој бил толку слаб што веќе не можел да се грижи за себе, па решил да замине во куќата на неговите родители. Сега, 12 недели подоцна, тој сѐ уште се чувствува истоштено од вирусот. 

– Навистина е фрустрирачко. Поминаа 12 седмици и досега неколкупати имав лажна надеж. Во моментов не можам да живеам независно и не можам да работам, а тоа е навистина тешка околност. Кога зборуваме за коронавирусот, зборуваме за живот и смрт, а никој не зборува за луѓето кои се погодени месеци подоцна откако ќе го прележат. Мислам дека за тие луѓе треба да има мерки за поддршка – вели О’Двајер.

Според истражувањата, закрепнувањето и заморот кај некои заболени лица од ковид-19 може да трае и до шест месеци по заразата.