Поминаа 182 дена откако 27-годишниот Чарли Расел се разболе од ковид-19 и тој сè уште не може да прави сé што правел порано, пишува „Гардијан“.

Тој не трча пет километри три пати неделно како порано. Не оди во пабови и не е подобар.

– Да знаев дека ќе бидам толку болен, ќе ја сфатев ситуацијата многу посериозно во март. Но, сè што знаевме тогаш беше дека ако сте млади и се заразите, веројатно нема да имате никакви симптоми. Или ќе бидете болни неколку недели, и тоа е тоа – рече тој.

Но, наместо тоа, според „Гардијан“, Расел има болка во градите, силна мигрена, вртоглавица и исцрпеност и го губи здивот. Сите овие симптоми се карактеристични за луѓето кои имаат долгорочни последици од ковид-19.

Расел, кој по професија е фотограф раскажува бил болен две недели и неговата состојба се подобрила. Но, по некое време тој почнал да чувствува страшни болки во градите, кои ги опишува како некој да седи на него.

– Многу е фрустрирачко кога луѓето одбиваат да носат маски или не сакаат да ги следат основните правила за физичко растојание. Сакам да ги раздрмам луѓето и да им кажам: Живеам со ова веќе шест месеци – изјави тој.

Чарлс Шеферд – медицински советник кој исто така им помага на луѓето со долготрајни последици од ковид-19 вели дека е ужасно е да се говори дека младите ќе бидат добро, и дека главната причина поради која не треба да излегуваат надвор е тоа што можат да ги заразат своите баби и дедовци.

– За младите постои ризик дека ќе се разболат и можеби нема да завршат во болница, но тие можат да бидат истоштени со пост-ковиден синдром подолго време. Ова нема да им се случи на повеќето, но постои реален ризик за дел од нив – рече Шеферд.

Во Велика Британија, околу 600.000 луѓе имаат некаква форма на пост-ковидно заболување, објаснува Тим Спектор за „Гардијан“, кој работи како епидемиолог. Тој тврди дека околу 12 отсто од пациентите на апликацијата „Ковид тракер“ пријавуваат симптоми подолго од 30 дена, а секој 200-ти случај, тие траат повеќе од 90 дена.