Земјата има 14.000 сириски доктори-бегалци кои чекаат да им бидат одобрени нивните лиценци. Здравствените власти на Германија апелираат до медицински квалификуваните мигранти да им помогнат во борбата со коронавирусот, пренесува „Гардијан“.

Бидејќи се зголемува бројот на лекари и медицински сестри кои се разболуваат или се ставени во карантин, недостигот на медицински персонал врши притисок врз вообичаено добро прилагодената здравствена услуга.

Владините иницијативи веќе го зголемија бројот на кревети за интензивна нега од околу 24.000 на 40.000, повеќето од нив со респиратори. Персоналот се преквалификува и операции кои не се итно неопходни низ целата земја се откажани.

Но, на здравствениот систем сè уште му треба повеќе медицински персонал за да се грижи за пациентите, да го зголеми нивото на тестирање и пронаоѓање на луѓето кои биле во контакт со оние што се болни. Институтот „Роберт Кох“, кој ја советува германската владата за јавно здравство, соопшти дека околу 2.300 лекари се болни или во карантин. Но, без централизирана споредба на податоци, се верува дека реалната бројка е многу поголема. Само во сојузната покраина Баварија, 244 лекарски ординации морале да се затворат заради инфекција со коронавирус.

„Меч4Хелткер“ е веб-страница поддржана од медицинските власти, креирана од волонтерски тим студенти и хакери, која има за цел да ги пронајде здравствените работници и волонтерите независно дали се жители со германско државјанство или странци кои живеат во Германија, за потреба на клиниките и домовите за нега на кои им е потребна помош.

Сојузната држава Саксонија е во првите редови на кампањата во која ги повикуваат странските лекари, вклучително и илјадниците бегалци кои пристигнаа во 2015 година, да помогнат. Според фејсбук-групата „Сириски доктори во Германија“ има 14.000 сириски лекари кои чекаат да им бидат одобрени нивните лиценци.

– Ние сме заинтересирани секој што е во можност да помогне да стапи во контакт. Може да биде некој кој сè уште нема лекарска лиценца, но е на пат да ја добие. До денес стапивме во контакт со околу 400 лица – изјавил портпаролот на лекарската асоцијација во Лајпциг (СЛАЕК), главниот град на Саксонија.

Саксонија, со население од над четири милиони, не е погодена од вирусот како другите региони, но расте загриженоста. До петок, имало речиси 4.000 потврдени случаи од кои 76 починале.

– Сега ситуацијата сè уште под контрола, но како што се влошува, треба да се подготвиме за тоа – рече портпаролот.

Во својата објава на Фејсбук, лекарската асоцијација ги повикува сите кои зборуваат германски „странски лекари, кои веќе живеат во Саксонија, но кои сè уште не ја добиле лекарската лиценца да помогнат во борбата со коронавирус“.

Она што го изразува признавањето на грешката на Саксонија, е дека таа е дом на „Пегида“, антиисламско протестно движење и срцето на екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“. Оваа партија се истакна станувајќи најголема опозиција во парламентот во 2017 година, предводејќи го гневот на гласачите поради одлуката на Ангела Меркел да дозволи скоро еден милион бегалци да влезат во земјата во 2015 година.

Отпорот на канцеларката за затворање на германската граница предизвика огромна реакција против политиката за бегалци на нејзините демохристијани, а многумина ја обвинија Меркел за нарушување на националната безбедност. Сега, пак, иако владата првично се спротиставуваше да го стори тоа, затворањето на државните граници на повеќето соседни земји се смета за прашање од национална безбедност, за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Противниците на политиката на отворена врата на владата, тврдат дека бегалците ќе бидат товар на економијата и ќе ја загрозат националната безбедност. Оние што беа за, рекоа дека, бидејќи мнозинството се млади, тие ќе помогнат да се намали недостигот на кадар предизвикан од стареењето на популацијата.

Сафван Аднан Али пристигнал од Сирија во јули 2016 година. Тој студирал општа хирургија во Латакија четири години, а потоа се преселил во Ирак за да избегне воена служба, каде што работел како општ лекар една година.

Од пристигнувањето во Германија како бегалец, тој го научил јазикот и се подготвувал за испити што ќе овозможат да се признаат неговите квалификации и да добие лиценца.

– Чекав на испит за употреба на медицински јазик, но потоа дојде коронавирусот и сè е запрено. Кога беше објавен повикот… Мислев дека навистина би сакал да помогнам. Треба да направам нешто корисно и сакам да и вратам нешто на земјата што ми помогна многу, па веднаш ја испратив мојата биографија – рече 37-годишниот Али.

Тој исто така аплицираше да и помогне на Баварија, еден од најтешко погодените региони, кој неодамна објави дека на лекарите без лиценци ќе им биде дадена веднаш дозвола да работат таму за една година. Во последните неколку дена, други држави најавија полесен пристап до постапките за испити и олеснување на правилата за квалификација.

– Подготвен сум да одам каде и да им треба. Иако имам сопруга и едногодишна ќерка во Саксонија, иако повеќе би сакал да работам тука близу до нив – истакна Али.

Министерството за здравство на Германија соопшти дека е во процес „за испитување на сите можни законски опции“ за да се забрзаат барањата на квалификувани лекари, особено на оние кои бараа само испит по медицински јазик.