Во Вухан, градот каде што изби пандемијата на коронавирус, продавниците повторно се отворени, но купувачи скоро и да нема, откако кинеската влада ги укина повеќето мерки кои држеа десетици милиони луѓе дома изминативе два месеци, пренесува „Асошиејтед прес“.

„Од возбуда, ми се плаче“, рече една жена во Вухан. Таа се претстави како Кет, додавајќи дека е учителка во источниот град Нанѓинг, која била во посета на своето семејство во Вухан кога владата го ставила градот во карантин на крајот од јануари, за да го спречи ширењето на коронавирусот.

Денес околу 70 до 80 отсто од продавниците беа отворени, но многу од нив ставиле ограничувања за тоа колку луѓе би можеле да влезат. Продавачите поставиле диспензери за дезинфекција на рацете и ги проверуваат купувачите дали имаат знаци на треска.

Автобускиот превоз и метрото на Вухан продолжиле со работа, намалувајќи ги ограничувањата за пристап до градот со 11 милиони жители воведени на 23 јануари, додека Кина се бореше со коронавирусот. Железничката станица повторно беше отворена во саботата, овозможувајќи илјадници луѓе да стасаат на работа во производствениот и транспортниот центар на централна Кина.

– После два месеца во кои бевме заглавени дома, сакам да скокам – изјавила Кат, видно возбудена.

Ова ќе биде позитивно за службените лица на кои им е наредено да го оживеат производството, трговијата на мало и другите индустрии, а истовремено да спречат ширење на инфекции кога луѓето ќе се вратат на работа.

Патните контроли во поголемиот дел од покраината Хубеи, каде се наоѓа Вухан, беа укинати на 23 март. Ограничувања кои ги спречуваат луѓето да го напуштат Вухан, се очекува да завршат на 8 април.