Бремените жени заразени со ковид-19 и нивните новороденчиња имаат поголем ризик од развој на компликации отколку што беше претходно познато, покажува најнова студија на британски научници.

Студијата е спроведена на повеќе од 2.100 бремени жени во 18 земји, а секоја бремена жена со ковид-19 е споредувана со други две бремени жени кои не биле заразени и се породиле во иста болница истовремено.

Заразата со новиот коронавирус кај новороденчињата е поврзана со тројно поголем ризик од здравствени компликации, тврдат научниците од Оксфорд.

– Бремените жени заразени со ковид-19 имаат 50 проценти поголема веројатност од другите бремени жени да развијат компликации, вклучувајќи предвремено породување, висок крвен притисок со откажување на органите, потреба за интензивна нега или смрт – рече професорот по фетална медицина Арис Папагеоргиу.

Сепак, се чини дека доењето не претставува ризик дека бебињата ќе бидат заразени од мајки кои имаат ковид-19, велат научниците.