Богатството на Ричард Бренсон се проценува на 5,2 милијарди долари

„Вирџин Атлантик“ има 8.500 вработени, па одредена помош е потребна. Но зошто да се даваат државни заеми или гаранции кога нејзините супербогати сопственици можат да сторат повеќе

Британскиот милијардер Ричард Бренсон ја ословуваше авиокомпанијата „Вирџин Атлантик“ како „едно од неговите деца“. Но поголемиот дел од нејзината флота сега е приземјена поради рестрикциите предизвикани од коронавирусот, со што „Вирџин Атлантик“ сега бара брз прилив на пари, пишува „Блумберг“.

За справување со финансиските потешкотии „Вирџин Атлантик“ ја повика владата на британскиот премиер Борис Џонсон да овозможи 500 милиони фунти од заемите и кредитните гаранции што ги поддржува. „Ербас“ и „Ролс ројс холдингс“ кои и продадоа авиони и мотори на „Вирџин Атлантик“, исто така лобираат во Обединетото Кралство во име на компанијата на Бренсон.

Тешко е да се разбере зошто Џонсон би пружил помош на „Вирџин Атлантик“ пред акционерите од САД и од Британските Девствени Острови да посегнат длабоко во сопствените џебови. А богатството на Бренсон се проценува на 5,2 милијарди долари според индексот на милијардери на Блумберг.

Тајкунот досега префрли 250 милиони долари во неколку од неговите компании со името „Вирџин“, од кои повеќе од 100 милиони доби авиокомпанијата. Но, извесно е оти тоа не е доволно. Финансиските резултати на „Вирџин Атлантик“ се подобрија пред пандемијата, но авиопревозникот загуби повеќе од 100 милиони долари во 2017 и во 2018 година, според последните податоци за финансиското работење. Додека компанијата имаше 500 милиони фунти во готовина на крајот од декември 2018 година, поголемиот дел од тие пари дојде од клиенти кои плаќаа за резервација на билетите пред да патуваат. Сегашната криза може да биде проблем ако клиентите почнат да ги бараат парите назад бидејќи не можат да патуваат.

Пандемиите се познат ризик за авиокомпаниите, но никој не можеше да го претпостави шокот предизвикан од коронавирусот. Одредена владина помош веројатно е оправдана, бидејќи во прашање се 8.500 работни места. Но, понудата на британската влада за покривање на 80 отсто од платите на вработените е доволно дарежлива, со оглед дека вкупните годишни трошоци за плати во „Вирџин Атлантик“ надминуваат 300 милиони фунти.

Ако на Бренсон му недостига кеш, тој има сопственост што може да ја монетаризира, вклучувајќи го уделот во вселенската компанија „Вирџин Атлантик холдингс“. Тешко е да се разбере зошто владата треба да даде заем или гаранции на „Вирџин Атлантик“ кога нејзините акционери и комерцијални партнери не се подготвени да го сторат тоа, настрана од парите што веќе ги даде Брансон.