Данска конечно им овозможи на оние кои имаат партнер преку граница да се видат со своите сакани, но само ако можат да докажат дека биле во врска повеќе од шест месеци 

Карантинот и рестрикциите за социјално дистранцирање ги одделија паровите ширум светот. Данска полека започна да им дозволува на оние кои имаат партнер надвор од земјата повторно да се видат со нивните сакани, пренесува Си-ен-ен.

Со ублажување на мерките во понеделникот, Данска дозволи на свршениците или на партнерите да влезат во земјата и да се видат со нивната друга половина, информираат полициските службеници. 

Но, дозволата важи само за соседните држави Германија, Шведска, Норвешка и Финска. Исто така, вљубените мора да докажат дека се гледаат повеќе од шест месеци. Ваквиот план исто така поттикна и контроверзии во Данска, главно загриженост за приватноста, а сега властите го обновуваат законот за да биде потребна само потпишана декларација како доказ за важењето на врските.

– Полицијата бара од луѓето да дадат доказ за нивните врски. За доказ може да се употреби фотографија, или љубовно писмо или нешто слично, но сето тоа беше променето вчера од министерот за правда – изјави портпаролот на данската полиција.

На веб-страницата на данската национална полиција се наведени неколку правила за валидност на врските. 

„За да може зaубените да им се дозволи да влезат во Данска, мора да се даде доказ дека врската има одредено времетраење, односно најмалку шест месеци“;

„Заљубените исто така треба лично да се состанувале редовно. Според ова, оние чија врска е заснована само на писмен и телефонски контакт, не се смета дека имаат достојна цел, според сегашните ограничувања за влез“;

„Странците можат да изберат каков доказ ќе положат за потврда на нивната љубовна врска“; 

„На самата граница ќе биде проценето дали ќе биде одобрен престојот во Данска“.  

Законодавците ги привршуваат ажурирањата на законот за да им овозможат на заљубените да ја преминат границата откако ќе потпишат изјава, информираат од Министерството за правда. 

– Има одредени ситуации кога е потребна дополнителна проверка и контрола од страна на полицијата, но како појдовна точка, доволно е да се потпише оваа изјава. Ако се испостави дека 500.000 заљубени лица од Германија одеднаш доаѓаат во Данска, тогаш можеби ќе си помислите дека веројатно има некои што ги заобиколуваат правилата – рече данскиот министер за правда Ник Хукеруп во понеделникот.

Малото опуштање на мерките за влез во Данска исто така ќе им овозможи на луѓето да ги посетуваат роднините, или да ги посетат нивните домови во земјата, за оние за кои се смета дека се „достојни“. 

Според полициската веб-страница, на сите други патници без легитимна цел ќе им биде одбиен влезот во Данска. Ваквите ублажувања на мерките се еден од чекорите за постепено отворање по ограничувањата наметнати за контрола на коронавирусот. Данска привремено ги затвори границите за странци на 13 март за да го спречи ширењето на вирусот. Исто така во подготовка е и планот за летен туризам, за кој данската влада ќе даде изјава до 29 мај. Според најновите податоци на универзитетот „Џонс Хопкинс“, Данска има повеќе од 11.400 потврдени случаи на коронавирус и повеќе од 560 смртни случаи.